Македонија
Обединети за Македонија бара да се забрани кратенката ВМРО во имињата на партиите
Обединети за Македонија како десничарска партија бара ВМРО да влезе во Преамбулата на Уставот, но и да се забрани името ВМРО во имињата на партиите.
Оттаму сметаат дека ВМРО како масовно, национално ослободително движење е првата организирана формација која, како што велат, ја издигнала идејата за независна Македонија за сите народности во неа.
„Во нашето партиско име го нема предзнакот ВМРО, но го има во Преамбулата во нашиот Статут, за да се оддаде почит кон организацијата која ги обединувала сите етноси во Македонија. Ниту ние, но и ниту една друга партија нема право да го злоупотребува тоа свето име за македонскиот народ“, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму велат дека за тоа сведочат и повеќе изјави од минатото, па го цитираат Христо Татарчев според кого: „Прифатен еднаш автономниот принцип, ни налагаше да бидеме последователни и во понатамошните решенија и да се избегнува сето она кое би го возбудило тесноградниот национализам кај инородните народи.“
Од Обединети за Македонија цитираат изјава и од Димитар Влахов, кој кажал: „Член на организацијата може да биде секој Македонец, од која народност и да е тој и какви и да биле неговите политички сфаќања, само да ги прима нејзините принципи и се бори за политичката автономија на Македонија“.
Според партијата, овој мал дел од многу други изјави од членови на историското ВМРО, јасно покажуваат дека историското ВМРО е државотворна организација и ниту една партија нема право да го злоупотребува тоа име.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Рекорден буџет и големи капитални вложувања за Центар во 2026
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција информираше дека усвоениот буџет за 2026 година е највисок досега и изнесува 1.217.450.000 денари, при што 43 проценти од вкупните средства се наменети за капитални проекти, предвидени во неговата програма за втор мандат.
„Во наредниот период се фокусираме на конкретни и трајни решенија за граѓаните. Инвестираме во дом за стари лица, нова детска градинка, граѓанско-административна зграда и инфраструктура за пофункционален Центар“, рече Герасимовски.
„Планирани се и значајни инвестиции во уличната инфраструктура, реконструкција и уредување на јавни површини, како што е потегот од Зелено пазарче до улица Македонија, но и изградбата на нова катна гаража во Буњаковец, со капацитет од околу 250 возила.
Се предвидуваат и значителни вложувања во зеленилото, а од септември 2026 година се воведува бесплатен оброк за учениците во целодневната настава, како директна поддршка за семејствата во Центар.
Зголемени се средствата за социјална заштита, во делот на поддршката на пензионерите и семејствата. За социјално загрозените пензионери се дуплира еднократната парична помош, додека еднократната поддршка за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
Општина Центар и во 2026 останува посветена на подобрување на квалитетот и условите за живот на своите жители“, се додава во соопштението од Општината
Македонија
„Катаклизма е комплимент за она што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор“, му одговори Мицкоски на Филипче
„Ќе ве потсетам, август 2017 година нула долгови, 25 милиони евра депозити, милијарда и пол денари и некаде приближно 380 милиони денари на сметката на тогашната АД ЕЛЕМ и нула долгови, исплатени плати, приближно дата на пресек 7-8 август 2017. Во 2024 во август 7 % состојба на акумулации на електрична енергија, нула откривка во РЕК Битола, нула откриен јаглен, на депонија околу 20-30 илјади тони, неремонтирани блокови во Битола, неремонтирани во Осломеј, една катаклизмична состојба и долгови од 150 милиони евра. Јас не знам како се оперира глава срце итн., но знам кого да прашам. Другпат кога ќе ви ги постават овие прашања и кога ќе ве носат повторно во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема, барем прашајте некој којшто ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици-стотици милионери, политички профитери и лешинари коишто се талогот на општеството“.
Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање на Венко Филипче за тоа зошто не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор и производството на струја и зошто сега мора да има поскапување на цената на струјата.
Што се однесува на поскапувањето на струјата Мицкоски го упати Филипче да го праша новиот член на раководството на СДСМ кој е брат на претседателот на РКЕ, кое пак е независно тело.
„Зошто поскапување на струјата? Ова прашање господине Филипче можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски којшто е брат на претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски. РКЕ по закон, по Устав е независно тело. Не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам треба да му го поставите на Марко Бислимоски чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот комитет или како и да ви се вика Одбор на СДСМ и се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене. А зошто ја манипулиравте јавноста со поскапување над 5%, над 10%, па не излезе толку, излезе 2 запирка нешто проценти претпоставувам дека тие исто така можат да ви дадат одговор“, потенцираше Мицкоски.
Што се однесува на обвинувањето на Филипче дека ништо не се направило за година ипол во енергетскиот сектор и дека истиот се уништува, Мицкоски го потсети Филипче дека 50 луѓе се под истрага или се водат судски процеси за уништување на тоа што било оставено од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ е во бегство.
„Е сега околу енергетските капацитети. Изминативе година ипол повеќе од 50 луѓе коишто го уништувале тоа коешто е оставено од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно од времето кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен ќе дојде тука и ќе се соочи со органите, ќе даде исказ и ќе каже зошто е така. Е сега дали можеби кога зборите за енергетските капацитети мислите и на компании коишто во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови коишто ги возеа со полномоштво на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборите за уништување на енергетскиот систем или мислите за уништување на енергетскиот систем кога се купуваа хемикалии и останати средства коишто не се потребни за да се делат провизии за високи поранешни функционери од редовите на СДСМ во Вардарскиот Регион во Пелагонискиот Регион итн“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Интензивни контроли и мерења на прекумерната бучава, високи казни за непочитување на законските норми, најави Општина Аеродром
Општина Аеродром започнува со интензивни контроли и мерења на прекумерната бучава, со цел заштита на здравјето, мирот и квалитетот на живеење на граѓаните.
Согласно со член 9 од Законот за заштита од бучава во животната средина, забрането е емитирање бучава над пропишаните гранични вредности. Во станбените објекти, во вечерниот период од 19:00 до 23:00 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 35 dBA, а во ноќниот период од 23:00 до 07:00 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 30 dBA, извести Општината.
Овластените инспектори за животна средина на Општина Аеродром ќе спроведуваат интензивни и континуирани контроли, со посебен фокус на угостителските и туристичките објекти, со цел доследно почитување на законските одредби.
За непочитување на законските норми предвидени се високи санкции, и тоа:
· глоба од 6.000 до 7.000 евра (во денарска противвредност) за микро трговци,
· од 13.000 до 14.000 евра за мали трговци,
· од 37.000 до 41.000 евра за средни трговци,
· од 62.000 до 69.000 евра за големи трговци,
· како и глоба од 2.000 евра за трговец поединец.
Глобите се изрекуваат доколку нивото на бучава при вршење на угостителска или туристичка дејност ги надминува пропишаните гранични вредности.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните, доколку се изложени на прекумерна бучава, случаите веднаш да ги пријават на електронската адреса: [email protected]
– Со заедничка одговорност и почитување на законите, Општина Аеродром продолжува да работи на обезбедување мирна, уредна и здрава животна средина за сите граѓани, додаваат од Општина Аеродром.

