Македонија
Облачно време со дожд во попладневните часови
Времето денеска ќе биде претежно облачно, попладне од западните кон централните делови ќе се прошири повремен дожд, на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец поизразен по должина на Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната од 8 до 15 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во следните денови ќе е променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд, а на планините со повремен снег. Ќе се задржи слаб до умерен јужен до југозападен ветер. Температурите ќе бидат во пораст од среда кога ќе е краткотрајно постабилно, а потоа се очекува нова краткотрајна нестабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.
Македонија
Апасиев: Ги чека пекол во Собранието, имаме шест се бориме за седум пратеници
Вечерва славиме пасокизација на СДС и факторизација на Левица, изјави првиот човек на политичката партија Левица, Димитар Апасиев.
„Во првата изборна единица имаме двајца пратеници – Апасиев и Хактан, во двојка еден фиксен, нашиот портпарол, Амар Мециновиќ, во тројка еден фиксен, се бориме за втор за ситно за 300 гласа да влезе покрај Борислав Крмов и Александар Симонов и така цел пресидум да бидеме во парламент, во четврка влегува Сашко Јанчев и во петка Јована Мојсовска – првата жена пратеник на Левица“, рече Апасиев.
Како што додаде нивната заложба успеала – кутната е црвената буржоазија на под 20 пратеници.
Друга значајна победа, како што рече Апасиев, преполовен е проектот ЗНАМ на половина од претседателските избори.
„Ова покажува дека овој изборен систем повторно не’ краде, затоа што некаде го водиме за 4.000 гласа, а имаме ист број на пратеници. Тоа ќе биде првото барање на Левица, воведување на една изборна единица“, рече Апасиев.
Се заблагодари на сите активисти кои не потклекнале на малодушноста и најави дека ќе продожат пет пати посилно од сега, оти, како што рече Апасиев, секој пратеник вреди колку 10 нивни.
„Да знаат дека ги чека пекол во собранието со нашите борбени пратеници“, рече Апасиев.
Според бројот на мандати, објавени на страната на ДИК, Левица добива шест пратеници во Собранието.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Се им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, време е ДУИ да одат заедно со СДСМ во опозиција
„Успеавме, успеавме. Победи Македонија, историска победа на народот“, кажа вечерва на прес-конференција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Криминалот, корупцијата, неспособноста, тендерите, одземената држава, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е резочаран. Вечерва конечно се поразени. Поразени се предавствата и поделбата. Тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи, нив денеска ги боли главата, има и зошто, ќе одговараат до последниот. Секој кој направил криминал и спровел корупција, мора да има одговорност која што ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова на нивната победа дава посебно задоволство.
„Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси, а ДУИ покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија и станаа силно криминализирана структура. Се им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, време е да одат заедно со СДСМ во опозиција. Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата“, додаде Мицкоски.
Тој кажа дека нема да ги повтори грешките на претходната Влада кога се однесувала самобендисано и неодговорно.
„Ние имаме намера со сите опозициски партии, кои настапија на овие избори, да разговараме и да видиме што е тоа што може да биде наша точка на поврзување. Тоа не значи дека сите тие би биле дел од идната влада“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.