Македонија
Облачно време со дожд и снег, температура до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во утринските и ноќните часови, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и северните делови (до понеделник наутро локално над 30 л/м2). Воздушниот притисок ќе се намали за повеќе од 10 мерни единици. Ќе дува слаб до умерен ветер, во југоисточните делови од југоисточен, а во останатите од североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје облачно со врнежи од дожд, кои кон крајот на денот и во текот на ноќта во делови од котлината ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе биде околу 2, а максималната ќе достигне само до 3 степени.
До понеделник ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во ноќните и утринските часови.
До крајот на денот во понеделник на планините ќе се формира позначителна снежна покривка, а нова од околу 15 сантиметри ќе има и речиси насекаде во западните и североисточните делови. Мала снежна покривка до околу 5 сантиметри ќе се формира и во Скопската Котлина.
Од понеделник до среда ќе дува повремено силен ветер од северен правец (локално и над 60 км/час). Од вторник ќе преовладува променливо облачно и студено време со ниски утрински температури, а во вторник и во среда кон крајот на денот на места ќе има услови за провејување на снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

