Македонија
Облачно време со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, кои пообилни ќе бидат во западните делови, особено претпладне и кон крајот на денот, а локално таму ќе наврнат и над 25 л/м2.
На планините ќе врне снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 6 до 14 степени.
Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне 10 степени.
Во следните денови ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Врнежите најобилни ќе бидат во западните делови, каде на планините ќе врне снег и значително ќе се зголеми снежната покривка, особено во Шарпланинскиот масив. Врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на некои повисоки места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Натпревар за поголема свест за важноста од прва помош
Државен натпревар во прва помош се одржа денеска во Скопје. Организиран е од Црвениот крст во соработка со Општина Ѓорче Петров, соопштија попладнево од локалната самоуправа.
Во натпреварот Учествувале 12 екипи од основни и средни училишта од различни градови низ државата.
Како што потенцираа од Општина Ѓорче Петров, целта на овие активности е да се зголеми свеста за важноста од прва помош и да се обучат младите во вештини што можат да спасат животи.
На настанот присуствувале и генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и заменик – министерот за образование Лулзим Алиу.
Македонија
Уште два дена сонце, од вторник дожд и грмежи
Следните два дена времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во вторник и среда се очекува преодно наоблачување со локални врнежи од дожд, на места поројни со услови за појава на грмежи.
Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре преку ден ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб променлив ветер. Утрото ќе биде посвежо. Минималната температура ќе се движи од три до 13 степени, а максималната од 18 до 28 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и претежно тивко, со минимална температура од седум, а максимална од 27 степени.
Македонија
Со нова мобилна апликација МВР ќе се бори против семејното насилство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се обрати на промоција на мобилната апликација „Џастис РБН за родово базирано насилство“, која се одржа во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово.
Апликацијата која треба да помогне да се зајакнат капацитетите на полицијата во постапувањето со жени жртви на насилство и семејно насилство и истата ќе биде дел од материјалите за учење за кадетите за полицаец, но и од континуираниот процес на учење на полициските службеници на работните места. Содржината на апликацијата е изработена од работна група со членови од Центарот за обука, Бирото за јавна безбедност и Одделот за информатика и телекомуникации, а Мисијата на ОБСЕ во Виена даде силна поддршка во изработката апликацијата, со менторство на целиот процес и ангажман.
Истата ќе биде дел од материјалите за учење за кадетите за полицаец, но и од континуираниот процес на учење на полициските службеници на работните места.
„Полициската професија е сложена и комплексна. Од полицискиот службеник се очекува брз и ефикасен одговор, но и одговор кој во целост ќе ја задоволи процедуралната правда за жртвите. Полициските службеници често се соочуваат со предизвикот да дадат одговор по пријави за родово базирано насилство врз жени и семејно насилство, а потребата за почитување на процедурите во постапката е од извонредно значење за жртвата, но и за полицијата како служба која има примарна надлежност да штити преку соодветно постапување.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласи дека ваквите алатки за учење како што е мобилната апликација за родово базирано насилство и семејно насилство, треба да го овозможи процесот за полесно учење, за следење на процедурите при постапувањето по пријави за овој вид на кривични дела.
Родово базираното насилство врз жени и семејното насилство е проблем кој ја засега целата заедница. Мултисекторскиот одговор, брзината и ефикасноста на одговорот кој го нуди полицијата треба целосно да биде заснован на родово разбирање на насилството, одговор без дискриминација, одговор со кој во центарот на целокупното внимание ќе биде ставена жртвата, нејзините права и потреби. Знаењето на процедурата, познавањето на начелата за постапување, протоколот за соработка со другите институции се една од гаранциите за обезбедување на ефикасен систем за помош, поддршка и заштита на жените жртви на насилство.
„Министерството за внатрешни работи, во целиот процес на реформи и развој, акцентот го става на развивање на дигитални алатки за учење, но и дигитализација на работните процеси со што ќе се овозможи брзина, ефикасност и намалување на можности за грешки во работата.“, ја нагласи министерот посветеноста кон олеснување на процесите со нивна дигитализација.
Тошковски на крај подвлече дека едуцирани, компетентни и мотивирани полициски службеници се еден од предусловите за полиција која ќе биде сервис, поддршка и заштита за граѓаните.