Македонија
Облачно време со северен ветер и температура до 13 степени

Времето денес ќе биде умерено до значително облачно. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од минус 5 до 3, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје претежно облачно со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до минус 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Од утре под влијание на студена воздушна маса времето ќе биде претежно облачно со опаѓање на температурата на воздухот. Ќе има повремени врнежи, кои, поради заладувањето, в недела попладне и во текот на ноќта кон понеделник ќе бидат пообилни и ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините и на повисоките места ќе се формира снежна покривка, особено во западните делови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев

Во земјава денеска се одбележуваат 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод, делегации и граѓани ќе положат цвеќе пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а во Собранието на Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката.
Според најавите, во црквата „Св. Спас“ цвеќе ќе положат собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски во чиј состав се пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Сања Лукаревска и Павле Арсовски, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се министрите за внатрешни работи и за образование и наука, Панче Тошковски и Весна Јаневска, како и партиски делегации, здруженија, граѓани….
Во Собранието напладне ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката. На доделувањето на наградата ќе се обрати министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Македонија
И денес топло со температури до 30 степени, од вторник дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне облачноста ќе се зголемува. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 24 до 30 степени.
Како што информира УХМР, во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне 30 степени.
Во понеделник попладне ќе има услови за изолирана нестабилност, а од вторник следува период на променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има услови за појава на невреме. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.