Македонија
„Обој го светот во портокалово“ – 16 дена активизам со мотото „#КажиНе на насилството врз жени и девојчиња“
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со портокаловото осветлување на скопската тврдина Кале, Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија, официјално почнува годинешната кампања со слоган „#КажиНе на насилството врз жени и девојчиња“. Овој
симболичен чин го означува почетокот на серијата настани и активности како дел од кампањата што ќе трае до Меѓународниот ден на човекови права, 10 Декември 2020 година. Насилството врз жените и девојчињата претставува голем општествен проблем, кој зазема сè поголеми размери во светски рамки. Имено, 45 отсто од испитаните жени и девојчиња во Република Северна Македонија доживеале некаква форма на насилство.

Целта на кампањата „#КажиНе на насилството врз жени и девојчиња“, која трае 16 дена, е да прати силна порака против насилството врз жените и девојчињата, со тоа што неколку знаменитости во повеќе градови во државата ќе бидат осветлени во портокалова бој, како симбол за посветла иднина, без насилство врз жените и девојчињата. Со цел поттикнување дискусија на поширока општествена основа, кампањата ќе вклучува инсталација „Скршени
предмети“, што ќе биде поставена пред Музејот на Мајка Тереза, како и неколку тематски онлајн-конференции, дискусии, работилници и студентски натпревар за најдобар тематски графички дизајн. На 30 ноември инсталацијата „Скршени предмети“ ќе биде поставена на плоштадот во Гостивар, а како дел од активностите на кампањата на 1 декември е предвидено и осветлување во портокалова боја на Занаетчискиот дом во Куманово. Следниот ден, на 2 декември, во портокалова боја ќе биде осветлен театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес,
институција што широкоградо прифати да биде дел од кампањата со сопствени можности и техника.
Поради специфичната ситуација предизвикана од пандемијата на Ковид-19, кампањата ќе биде спроведена во согласност со сите заштитни мерки и протоколи, а во рамките на активностите ќе се користат можности и за онлајн-комуникација, со учество на високи владини претставници, како и претставници на ОН и на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и граѓанските организации.
Во рамките на кампањата е предвидено објавување интерактивни содржини и едукативни пораки на социјалните медиуми од повеќе поединци од разни сфери на општеството како нивен заеднички придонес во борбата против насилството врз жените и девојчињата. Крајниот резултат на оваа борба зависи од сите нас. Затоа, да реагираме! Да пријавиме! Да менуваме!
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

