Македонија
Обраќање на Димитров и Османи: Промената на функциите носи свежина за пристапниот процес кон ЕУ
Пред просториите на Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надвореши работи Бујар Османи, одржаа заедничка прес-конференција по повод прземањето на новите функции.
Во своето обраќање Димитров најпрво се заблагодари на сите вработени во Министерството за надворешни работи, за нивната посветена работа.
„Посебно на оние коишто без многу фанфари, без многу лаври посветено дадоа сè од себе овие претходни три години да бидат вистина историски. Постигнавме несомнено историски успех со членството во НАТО и со решение на тридеценискиот проблем што нè држеше надолу како котва – спорот со Грција и почнавме еден многу важен историски процес со соседна Бугарија. Ќе оставам за тоа да зборуваат партнерствата, пријателствата што го изградивме со соседите, со Европа и со светот“, порача тој.
Најави дека во следниов период во СЕП, фокус ќе биде почетокот на пристапниот процес.
„Целта ни е да ги почнеме конечно пристапните преговори и да ја отвориме најдобрата алатка за реформи дома. Тоа ќе значи дека СЕП ќе треба да стане еден од главните мотори во државава, што ќе ги турка реформите напред. Нè чека многу рабоа, но и истовремено и големи предизвици, големо бреме и товар, но и огромна златна шанса следниве години да ги искористиме длабоко да навлеземе во пристапниот процес со Европската Унија“, потенцираше Димитров.
Министерот Османи посочи дека пораката што ја испраќаат со Димитров е дека како држава остануваме на стратешките интереси во делот на односите со ЕУ.
„Јас на оваа промена гледам многу позитивно – еден континуитет на политиката, но со свежина во предизвиците кај нас двајцата. Искуствата кои јас ги носам од СЕП, а Никола од МНР, сега ќе ги пренесеме во двете институции, што секако ќе претставува дополнителен импулс од кој државата и граѓаните можат да имаат само корист“, истакна МНР Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

