Македонија
Објавен детаљниот извештај за имплементацијата на планот 3-6-9
Периодот за имплементација на планот 3-6-9 истекува денеска заедно со објавувањето на извештајот на Европската комисија за состојбите и напредокот на земјава на евроинтегративниот пат. Детаљниот фактографски извештај за имплементацијата на планот 3-6-9 точно на полноќ беше објавен на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања www.sep.gov.mk и може директно да се преземе од следниот линк https://goo.gl/BqGvVt.
„Во изминатите девет месеци Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда. Доказ за ова е успешното спроведување и реализацијата на планот 3-6-9, т.е. реализирани се над 90 отсто од предвидените реформи и 100 отсто од неговата суштина – Македонија се врати на евроатланскиот пат“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година по изгласувањето на новата Влада, со цел да обезбеди трасирање на патот, односно да го одмрзне реформскиот процес во Република Македонија и да ја врати државата на евро-атлантскиот пат и беше поделен на три дела според рочноста во која се имплементираа реформите. Неговиот прв дел – делот три, беше финализиран со одржувањето фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, а делот шест заврши со излегувањето на стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан 2025.
„Во согласност со испорачаните резултати, т.е. успешнато спроведување и реализацијата на планот 3-6-9, тој треба да биде крунисан со најдобриот извештај за Република Македонија досега и со чиста и безусловна препорака за преговори со Унијата.
Со завршувањето на планот 3-6-9 не завршуваат реформите, туку, напротив, оваа реформска агенда ќе продолжи и во иднина во насока на имплементација на процесите што произлегуваат од шесте водечки иницијативи на стратегијата 20-25 на Комисијата, како и од сугестиите, коментарите, забелешките што ги очекуваме во денешниот извештај на Комисијата“, се вели во соопштението од Кабинетот на Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

