Македонија
Објавен повикот за пријави за реновирање домаќинства на ромското население во населба Баир
Во рамките на проектот „Баир – здружена акција на Битола за вклучување Роми“ се објавува повикот за пријави за реновирање домаќинства на ромското население во населбатаБаир. Целта на овој повик е да им се реновираат домаќинствата на 27 ромски семејства, чии објекти имаат имотен лист.
Во своето обраќање, градоначалниот на општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека во општината сè уште постојат нерешени проблеми поврзани со урбанизацијата, а со тоа и обезбедување соодветна подземна и патна инфраструктура, што значително ги отежнува условите на граѓаните што живеат во таквите места. Токму затоа Општината веќе работи на донесување нов ГУП за општина Битола, чија подготовка неодамна почна и на забрзување на процесот на легализација. Преку овој процес на легализација 17 ромски семејства добија имотен лист за објектите во кои живеат во рамките на проектот Баир.
„Денес, со објавувањето на повикот за апликации за реновирање домаќинства на ромското населени во населба Баир заедно со нашите партнерски организации почнуваме еден нов процес во рамките на споменатиот проект, со кој 27 ромски домаќинства ќе имаат можност да извршат поставување ПВЦ-дограма, обновување фасада или санација на покривна конструкција. Верувам дека со искористувањето на средствата од овој фонд ќе се создадат похумани и подостоинствени услови за живеење. Најважен критериум од кој не смее да се отстапува во повикот е избраните домаќинства да се легализирани и да се дел од ДУП, со цел и инвестираните средства да имаат одржлив ефект. Токму затоа и легализацијата е процес на кој интензивно се работи во целиот овој период.
Со проектот ‘Баир’ опфативме и реконструкција на улиците Струшка и Сутјеска, со вредност од 5.623.157 денари, а партнерската соработка овозможува и реализација на социјалната и на инклузивната компонента преку спроведување активности што поттикнуваат развој и поддршка на културни и спортски иницијативи и кампањи за подигнување на јавната свест кај ромското население за релевантни теми од секојдневното живеење.
Во целиот овој процес најважна е партиципативноста на населението затоа што неговото учество овозможува и точно идентификување на потребите при реализацијата на проектите“, посочи Коњановски.
„Ова е една од носечките активности и има цел бенефитите од проектните средства граѓаните Роми директно да ги почувствуваат во своите домови. Предвидува три типа интервенции од поставување ПВЦ-дограма, обнова на фасада и реконструкција на покривот. Граѓаните ќе имаат можност од денес, 21 септември, па секој работен ден, заклучно со 7 октомври до 14 часот, да се пријават. Доколку се јави недоволен број, повикот ќе биде продолжен“, рече Климентина Ѓорѓиоска, проектен менаџер.
Проектот „Баир – здружена акција на Битола за вклучување Роми“ е финансиран од Европската Унија преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, ЕУ за Ромите и луѓето што живеат во длабока сиромаштија. Имплементатори на проектот се италијанската невладина организација COSV, „ПРЕДА плус фондација“ и Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар, Кисела Вода, Сопиште, Гази Баба и Карпош
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.00 до 16.00 часот, корисниците од ул. Мирослав Крлежа лоцирани позади грчка амбасада, како и стамбените објекти и локалите на бул. Партизански Одреди од бр. 19 до бр. 23, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 13. 40 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани на потегот од маркет Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. 8, како и дел од корисниците од ул. 12 во село Долно Соње, општина Сопиште;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улиците 30, 36 и 38 во населба Трубарево, општина Гази Баба;
– во периодот од 09.30 до 12.00 часот, корисниците од бул. Партизански Одреди бр. 70Б – ТЦ АЛУМИНКА, општина Карпош;
-во периодот од 11.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Женевска, општина Карпош.
Македонија
Времена измена во сообраќајот на делницата клучка Миладиновци – клучка Петровец
На 23/24.02.20026 на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци – клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички изведувања од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром, во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

