Македонија
Огромни гужви на граничните премини, и кај Дорјан се чека повеќе од еден час за влез во Грција
																								
												
												
											Огромни гужви има утрово на граничните премини.
На „Бородица“ за влез во Грција сите ленти се полни, а утрово беа забележани километарски колони возила.
Состојбата е слична и на граничниот премин Дојран, каде граѓани за „Макфакс“ сведочат дека на излез од Македонија околу 8 часот се чекало и повеќе од еден час.
Гужви за влез во земјата има и на ГП „Табановце“, каде времето на чекање е околу 45 минути.
Се препорачува внимателно возење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Започна 16-тата Школа за млади лидери „Младинска агенда за одржлив свет“
														Синоќа започна 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Ѓорге Иванов, која ќе се одржува во следните две недели, во периодот од 3 до 16 ноември 2025 година.
Програмата се реализира комбинирано, онлајн до 7 ноември и со целодневна програма од 9-16 ноември 2025 година во Хотел Инекс Олгица во Охрид. Со овогодинешната тема „Младинска агенда за одржлив развој“, школата е посветена на Целите за одржлив развој на ОН, како глобална иницијатива која ја поттикнува и младинската улога во создавањето на праведни, инклузивни и одржливи општества.
На отворањето се обратија основачот на Школата, Претседателот Ѓорге Иванов, Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Претседателот на Freedom House Герардо Бертин, како и г. Фелипе Паулиер, помошник Генералниот секретар на Обединетите нации за младински прашања, кој испрати видео порака до учесниците.
Претседателот Иванов, поздравувајќи ја новата генерација учесници на Школата за млади лидери, се осврна на главната тема на 16-тата Школа и на Целите за одржлив развој на Обединетите нации и Агендата 2030, единствената глобална рамка што нуди излез од кризите и предизвиците со кои се соочува човештвото, зад која застанаа сите земји членки на ОН. Во своето обраќање тој посочи дека постојат бројни причини поради кои овие цели сеуште не се целосно остварени, но дека младите располагаат со највредните ресурси како надежта, енергијата, креативноста и можностите, за да придонесат кон нивно решавање. Во таа насока, тој истакна дека вештачката интелигенција мора да се користи како алатка за креативни решенија на предизвиците во сите области, потенцирајќи дека во ова време се бара нова дефиниција на лидерството – лидер кој ќе може да одговори на комплексноста на современиот свет.
Иванов нагласи дека лидерот на иднината треба да биде способен да одговори на она на што не може да одговори вештачката интелигенција и тоа со својата емоционална интелигенција, интуиција, етичност, креативност и човечност, карактеристики кои го прават човекот незаменлив. Посочи дека лидерите на иднината не треба да се натпреваруваат со вештачката интелигенција, туку да создаваат синергија со неа. Наместо стравот, младите треба да посегнат кон надежта и да развиваат одговорен пристап кон новите технологии, користејќи ги нивните придобивки и поставувајќи етички механизми кои ќе спречат нивна злоупотреба.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, алумнист на Школата за млади лидери, истакна дека вистинската трансформација започнува со внатрешната култура на лидерството, како размислуваме, одлучуваме и се однесуваме кога никој не не гледа. Тој предупреди да не се фокусираме само на реформите на општеството, без да се реформираме себеси, бидејќи трансформацијата е и лична промена. Лидерството бара храброст и иницијатива, а лидерските вештини не се наследуваат, туку се обновуваат и реинвентираат во секоја генерација. Андоновски нагласи дека Македонија има потреба од млади лидери кои нема да ги копираат старите стилови на политиката и менаџментот, туку ќе ја редефинираат интегритетот, заслугите и храброста.
Тој го истакна примерот со градоначалникот Божинов, кој го освои вториот мандат благодарение и на мрежата на млади лидери што се запознале на Школата и го поддржале неговото номинирање и кандидатура, покажувајќи како влијанието на Школата се шири во реалниот живот. Дигиталната трансформација ја спореди со национална трансформација, каде системите треба да им служат на луѓето, а не на самите себеси. Новите теми на Школата, како што се етика на вештачката интелигенција, аналогно лидерство во дигиталниот свет, или одржливоста, се воведуваат за првпат и ќе станат дел од главните дискусии во иднина. Во свет управуван од алгоритми, човечката проценка ќе прави разлика. Андоновски потсети дека постојат три типа луѓе: оние што чекаат, оние што набљудуваат и оние што започнуваат промени, при што иднината припаѓа на оние што дејствуваат. Тој се заблагодари на претседателот Иванов за посветеноста во создавање генерации лидери и нагласи дека вистинското наследство на Школата не е продолжување на старото, туку создавање на нешто ново што започнува во мали кругови и се шири низ општеството и нацијата.

Претседателот на Freedom House Герардо Бертин ја поздрави 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Иванов како меѓународно призната и престижна програма која инвестира во растечки лидери, создавајќи простор за учење, менторство и акција. Тој објасни како се подготвува годишниот извештај „Freedom in the World“, кој ја оценува слободата во околу 200 земји и територии, користејќи методологија базирана на Универзалната декларација за човекови права.
Во извештајот за 2024 година, Бертин истакна дека слободата опаднала во 42% од светското население поради насилство, репресија, нерегуларни избори, вооружени конфликти и авторитаризам, додека подобрување имало само во 15% од случаите. Тој нагласи дека овие трендови имаат човечки последици, влијаат на новинари, активисти, политичари и млади граѓани, и ја поттикнуваат недовербата во изборните процеси, поларизација и закани кон демократските институции. Според Бертин, постојат три главни линии на закани: манипулирани и неправедни избори, трајни конфликти и присила, и ширење на авторитаризмот преку медиумска контрола, транснационална репресија и нови технологии за надзор. Бертин посочи дека, и покрај овие предизвици, многу земји покажуваат отпорност и напредок благодарение на организираноста на граѓанското општество, активности на новинари и учество на граѓаните. За младите лидери, тој нагласи дека нивната улога е клучна за демократската обнова. Истакна три начини на нивна вклученост: зајакнување и заштита на институциите, одбрана на информативниот екосистем и медиумската писменост, и ширење на демократијата преку инклузија и активно учество на граѓаните. Бертин ги повика младите да бидат иновативни, да изберат арена за акција, како институции, информации или инклузија, и да спроведат конкретни проекти во наредните денови, со цел да водат и обликуваат демократска и отпорна иднина.

Со срдечни поздрави до 16-тото издание на Школата за млади лидери како институција која го олицетворува потенцијалот на младите, образованието и визијата да ја обликуваме нашата заедничка иднина, Фелипе Паулиер, помошник Генерален секретар за младински прашања на ОН, нагласи дека општата тема на оваа школа, младинска агенда за одржлив свет, е повеќе од соодветна за времето во кое живееме. Потенцираше дека во светот околу нас, гледаме итна потреба за иновативно, одговорно и инклузивно лидерство. А младите лидери се тие кои не се плашат да го предизвикаат статус-квото и кои разбираат дека иднината зависи од нивните идеи и постапки и од нивната непоколеблива посветеност. Им посака успех во програмата, во која учесниците се опремуваат да се соочат со глобалните предизвици, како климатските промени, социјалните нееднаквости и политичката нестабилност.
Нагласи дека лидерството не е ограничено на коридорите на моќта, туку дека се покажува во секојдневните постапки – кога се бориме за правда, кога негуваме дијалог, кога се грижиме за околината и кога градиме мостови меѓу разликите. Дека секој млад лидер носи потенцијал да биде катализатор за трансформација во неговата заедница, во неговата земја и пошироко. Порача дека треба да градиме иднина каде идеите водени од младите ја покажуваат патеката кон помирен, поправеден и поодржлив свет.
Школата за млади лидери претставува уникатна платформа за талентирани и ангажирани млади луѓе од различни средини. Учесниците, внимателно селектирани според нивните академски достигнувања, лидерски потенцијал и општествен ангажман, се идентификувани како идни лидери кои ќе придонесат во изградбата на мирна, праведна и просперитетна иднина. На овогодинешната школа учествуваат четириесет учесници, од кои една третина се од странство, што го потврдува меѓународниот карактер на програмата.
Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Иванов, започната во 2010 година, на почетокот на неговиот прв претседателски мандат. Во изминатите 15 изданија, преку програмата поминале околу 600 млади од земјата и странство, а речиси 400 реномирани предавачи од Македонија, Европа и светот го споделиле своето знаење и искуство. Во 2018 година, проектот „Школа за млади лидери на Претседателот Иванов“ беше прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Македонија
Без струја делови од Сопиште, Петровец и Гази Баба
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од дел од с.Долно Соње.(Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Горно, Средно и Долно Коњари. (Општина Петровец)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Чифлик. (Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Катлановска Сушица. (Општина Петровец)
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Вера Вучкова Жежељ, во нас. Хиподром. (Општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
														Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.

