Македонија
Одбележани 60 години од формирањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија има важна улога во гарантирањето на инфраструктурната стабилност и сигурност, а со тоа и на безбедноста и спокојот на граѓаните. Убедена сум дека и во иднина ќе остане столб на инженерската наука и синоним за безбедност, извонредност и меѓународна соработка, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на свечената академија по повод 60 години од формирањето на институтот.
„Денешната свеченост не е само одбележување на едно значајно времетраење, туку и сведоштво за континуирана научна, образовна и општествена посветеност во служба на јавниот интерес. Институтот остави длабоки траги во развојот на високото образование во Македонија, беше и остана генератор на знаење и квалитетен кадар, на млади истражувачи и научници, а импресионира и истражувачката активност на меѓународен план – особено учеството во европските рамковни програми за истражување и иновации“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека улогата на ИЗИИС како признат центар на знаење на меѓународната сцена ја почувствувала лично, при посетата на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), во март годинава.
„Бев искрено горда кога од страна на оваа еминентна институција бевме пречекани со зборовите дека со задоволство би ги „украле“ истражувачите од ИЗИИС. Особено беше нагласена плодната соработка во областа на Еврокодовите – европските стандарди за проектирање и градба. Институтот како активен партнер во нивниот развој и адаптација во земјите од Југоисточна Европа, придонесува кон усогласување на инженерските практики и зголемување на сеизмичката безбедност на објектите во ризични региони“, додаде министерката.
Јаневска изрази благодарност до сите кои учествувале во градењето на институтот, во извршувањето на стручната и во развојот на научната и образовната дејност, а се заблагодари и на оние кои моментов работат и ја продолжуваат успешната институционална мисија.
„Сметајте на поддршката од оваа Влада. Имаме особено голем интерес да ја унапредиме научната дејност и затоа годинава одвоивме двојно повеќе средства од минатата, за реализација на научно – истражувачки проекти. Вие сте јавна научна установа и имате 5 лаборатории. Искористете го сиот потенцијал и учествувајте на активните повици на министерството за распределба на средствата во износ од 370 милиони денари за иновативни научни проекти“, рече министерката Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

