Македонија
Одбележан денот на раѓањето на Ѓорче Петров
На споменикот на великанот Ѓорче Петров по повод Денот на неговото раѓање, бројни делегации денеска положија цвеќе во чест на патронот на општината.
Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните, нагласувајќи дека денес, кога се одбележува Денот на раѓањето на македонскиот великан, срцата на сите ѓорчепетровци се исполнети со почит и благодарност.
„Ѓорче Петров не беше само идеолог и борец за слобода, туку и визионер кој ги постави темелите на националното ослободување на Македонија. Неговата борба и неговиот дух живеат во нас, и денес, како и секогаш, неговото наследство ни дава сила да продолжиме со изградбата на една слободна и независна Македонија. Роден на 2 април 1865 година, Ѓорче Петров беше пример за храброст, посветеност и љубов кон својата татковина. Тој не беше само наставник и идеолог, туку и човек кој вложи се за иднината на својот народ. Неговата љубов кон Македонија ја споделувале неговите ученици, а таа љубов сега живее во сите нас“, рече Стојкоски.

Но, како што додаде, денес, заедно со честа да го славиме животот на Ѓорче Петров, носиме и тежина на една несреќа која ја потресе нашата земја. Трагичниот настан во Кочани, рече Стојкоски, се уште е неверување што не може да се искаже со зборови.
„Моментите како овој се потсетник за големата одговорност која секој еден од нас ја носи, без разлика на општествената позиција, одговорност е да се грижиме за младите и да обезбедиме услови за нив и подобра иднина“, додаде градоначалникот.
Во таа насока, како што истакна, Ѓорче Петров не само што беше фундамент на нашата независност, туку беше и човек кој ги учеше следните генерации на основните вредности, и на тоа дека дека борбата за правото и слободата нема да биде лесна.
„Нашата сила лежи во тоа што остануваме непоколебливи. Да не се откажуваме од тие идеали, да не дозволиме болката од загубата да не оневозможува да се бориме за подобро утре. Слава на Ѓорче Петров и на сите херои кои ја дадоа својата крв за слободата на оваа земја“, рече Стојкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Сопиште и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07:30 до 15:00 часот, корисниците на блокот на згради од булеварот Партизански Одреди бр.17 кон улица Максим Горки, општина Центар.
· во периодот од 07:45 до 15:30 часот, корисниците на селата Јаболци, Ново Брезница, Патишка Река, Држилово, Малчиште, Црн Врв, Елово, Осинчани, Карст с.Јаболци Викендици Држилово, Сателитски Центар, Ново Брезница, Рудпроект, Јаболци, Патишка Река, општина Сопиште.
· во периодот од 08:30 до 10:30 часот, корисниците на улицата Тале Христов, Поликлиника ВФВ и Објектите околу ВРВ Поликлиник, општина Бутел.
· во периодот од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците на улицата Елисие Поповски – Марко бр.21,47 и други корисници во непосредна близина, општина Центар.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
– поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на улицата Франклин Рузвелт бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, односно потегот од Орце Николов до Благој Давков, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.
– поради промена на вентил во шахта ф-2“ на улицата Венијамин Мачуковски бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.

