Македонија
Од вторник заладување со дожд и снег на планините
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен, во западните западен, а во источните делови југоисточен ветер, поизразен вдолж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната од 19 до 25 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Под влијание на влажен бран во вторник времето ќе биде облачно со врнежи од дожд, особено во попладневните и вечерните часови кога на места ќе имаат пообилен карактер. Ќе дува засилен ветер од југозападен правец, кој кон крајот на денот ќе се промени во северен и во текот на ноќта кон среда ќе услови врнежи од снег освен на планините да има и на некои повисоки места. Во среда ќе биде претежно суво, ќе дува засилен северен ветер што ќе услови пад на дневната температура. Од четврток следува период на сончево и топло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владина делегација положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев – одбележана 121 годишнина од неговото загинување
Владина делегација предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ја одбележа 121 годишнина од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.
Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и делегациите на Собранието, на Армијата, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор, на политичките партии како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.
Денес се сеќаваме на големото дело на Гоце Делчев како срцевина на македонската револуционерна и интелектуална борба за македонска држава која е еднаква за сите. Тој се бореше и го положи својот живот за слободна и независна Македонија, неговите идеали и заложби се наша заедничка обврска да продолжиме да градиме демократска и економски напредна земја. Вечен останува споменот на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев.
Македонија
Мојсоска: Усеини уништува антифашистичко наследство додека СДС и ДПМНЕ молчат
Од локацијата кај познатата Бела куќа на ул. ,,Димитар Влахов” бр. 9 во Охрид, од каде бескруполозно беше тргната плочата од НОБ, Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска истакна:
,,Овој културен објект беше уништен од страна на локалниот шериф, Нефи Усеини. Плочата на АСНОМ каде пишува за осудените антифашисти од страна на бугарскиот окупатор, беше тргната пред месец дена. Од градоначалникот Пецаков нема никаква реакција додека се уништува антифашистичкото наследство од страна на поранешниот функционер на ДУИ”.
Мојсоска се наврати кон 2019 година кога беа силни обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ кон Усеини. Според Мојсоска, наспроти тоа, се испоставува дека коалицијата ДПМНЕ – ДУИ сега е уште посилна, благодарение на заедничките бизнис – интереси.
,,Ќе потсетам дека во 2019 година, токму ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Усеини го тероризира Охрид. За жал, Охрид го губи својот автентичен изглед, иако за овој објект има Решение за уривање. Институциите молчат, молчи и Министерството за култура кое е раководено од социјал-демократите”, додава Мојсоска за криминалот на поединците и молкот на институциите.
Јована Мојсоска како Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, порачува:
,,Затоа на 8 мај, да заокружиме број 5, за да ставиме ред во безредието и закон во беззаконието!”
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција
ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција, велат ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– Функционери на ДУИ се забележани дури и во места како Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи. Со ова се обидуваат да освојат голем резултат, мислејќи дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да седне со нив, но се лажат. ДУИ оди во опозиција и со тоа треба да се помират. Залудно е и полнењето кутии. Примерите кои се нотирани во Липково, не им помогнаа во првиот круг, нема ниту сега во вториот. Времето кога го купуваа гласот на народот завршува. Време е Македонија да ја вратиме на народот. Македонија повторно твоја, – додаваат од партијата.