Македонија
Од денеска маските се задолжителни на отворено
Собранието синоќа со 53 гласови „за“, 26 воздржани и ниту еден глас против ги изгласа измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се овозможуваат новите заштитни мерки против Ковид-19.
Станува збор за повеќе мерки, меѓу кои и задолжителното носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено.
Законот предвидува носење лична заштита на лицето, и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори, кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи и слично).
Оваа мерка нема да важи: при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои живее во заедница; при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои заедно живеат во заедница; при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место; ако лицето е помладо од 6-годишна возраст (дете); и ако лицето има специфична здравствена состојба – е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развојот поради што носењето лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано. За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра.
Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање на коронавирус од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен.
За прекршителите на членот од законот кој ја регулира самоизолацијата, предвидена е казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено, ќе платат казна од 500 евра. За неносење маска казната е 20 евра.
Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од Ковид-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, според медицински индикации болните може да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи што имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови доколку за тоа постојат услови. Приватните здравствени установи, за да лекуваат пациенти од Ковид-19, треба да имаат согласност од Министерството за здравство – дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Доколку во ЈЗУ се исполнети капацитетите за лекување болни од Ковид-19, по претходно дадена согласност од Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

