Македонија
Од денес пријавување за субвенциониран студентски оброк за студентите што досега не го оствариле ова право
Министерството за образование и наука информира дека од денес до 31 јануари повторно е достапна можноста за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Ова се однесува на студенти што ги исполнуваат условите во согласност со Законот за субвенционираниот студентски оброк, но не успеале да се пријават и/или да го остварат ова право досега. Можноста е достапна секој месец, и тоа од 20 до 30, односно 31 во месецот.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и со прикачување пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Северна Македонија и не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.
Досега правото на субвенциониран студентски оброк го остварија над 27 илјади студенти, на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Исмаил: Наместо во оружје, да инвестираме во градинки – власта го одби амандманот на Левица
Во рамки на амандманската расправа за Буџетот за 2026 година, во собраниската Комисија за финасирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, побара голем дел од 100 милиони евра планирани за купување на оружје да се пренасочат кон проширување на капацитетите, како просторни така и кадровски, за згрижување деца од предучилишна возраст.
„Состојбата е ужасна. Проценките се дека 4000 деца чекаат за упис во градинки во Скопје. Во групите има по 35-40 деца со само една негувателка. Тоа е неприфатливо“, истакна Исмаил.
Средствата што треба да се пренаменат со амандманот ги предлага во две ставки во Министерството за социјална политика. Една е во делот за пренесување на трошоците во делот на единиците на локална самоуправа, а другата во капитални расходи за изградба и одржување на објекти.
„Конечно треба да се направи баланс помеѓу социјалната потреба во општеството, како што е овој со згрижување на деца од предучилишната возраст и она што го имате предвидено за купување на оружје“, порача Исмаил укажувајќи на фактот дека долги години државата го занемарува проблемот со јавните градинки.
Тој посочи дека голем број родители се принудени да ги носат своите деца во приватни градинки иако цените таму се значително повисоки. „ На овој начин вие го поттикнувате приватниот бизнис во оваа јавна услуга. Тоа не е фер за социјална држава како нашата, со држава која што исто така има сериозен проблем со демографијата“. Исто така истакна дека државата треба да ги охрабрува младите семејства, а не да ги оптоварува, велат пд партијата Левица.
„Ние наместо да ги стимулираме младите брачни парови дека нивните деца ќе бидат згрижени во државните градинки, ние практично ги дестимулираме да оформат семејство и да имаат новородени деца. Сметам дека овој амандман ќе придонесе за сериозно да се зафатите и да изградите поголем капацитет во оваа област“, заврши Исмаил.
Македонија
Голема полициска акција: претреси во Скопје, Куманово и на други локации
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност.
Обвинителството најави повеќе информации по завршување на акцијата.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.

