Македонија
Од мај стартува електронскиот упис на првачиња
Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачиња.
Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.
Новата дигитална услуга денес ја промовираше министерката за образование и наука, Мила Царовска, заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје, Ричард Малион, извршната директорка на ЦУП Неда Малеска -Сачмароска и со Стефан Богоев градоначалникот на општина Карпош при посетата на ОУ „Вера Циривири Трена“.
„Оваа година благодарение на Центарот за управување со промени (ЦУП) и британската амбасада голем дел од услугите кои ги нуди МОН се дигитализираа, а посебно сум горда на оваа услуга која го олеснува пристапот на родителите кон упис на нивните деца и наши ученици во образовниот систем. Тоа ќе го направат со прикачување на сите потребни документи и откако тој административен процес ќе се заврши имаат само една посета во училиштето на средба со педагогот и проценка и понатамошно започнување на процесот на образование на еден ученик“, рече Царовска.
Од ресорното министерство нагласуваат дека услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ системот, каде се води евиденција за сите училишта во државата.
За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.
Царовска воедно најави дека во следниот период ќе се дигитализираат и низа други услуги поврзани со основното и средното образование, но и во делот на науката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

