Македонија
Од партнерите очекуваме разбирање и праведно деблокирање на преговорите со ЕУ, порача Сиљановска-Давкова од Пелинце
Илинденците, просперитетот на државата, иселувањето на младите и европските интеграции беа темите на кои се осврна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, по повод Денот на републиката, 2. Август.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова најпрвин рече дека говорот ќе го одржи како партизанска ќерка и исткна дека пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи. Асномските документи, како што посочи, пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите. И денес, рече претседателката Сиљановска Давкова, нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности.
Успехот на републиката, како што рече Сиљановска, се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите.
Претседателката воочи и на проблемот дека се’ повеќе млади луѓе бараат среќа во странство, а тоа се должи не само на животниот стандард, туку и на корупцијата и непотизмот во изминатите години и децении, но и долгогодишните неправедни блокади на нашите европски и евроатлантски интеграции коишто ја исцрпуваа државата.
Сиљановска во илинденскиот говор спомена дека битката за младите луѓе е битка за четвртата македонска република, а во таа насока како предуслов ја истакна битката за знаењето наспроти незнаењето, за извонредноста наспроти просечноста, за креативноста наспроти деструктивноста, битката за заштита на нашите шуми, на животите и имотите на нашите граѓани од огнените стихии.
„Оваа битка ќе ја добиеме само со европеизација на државата, со владеење на правото, со борба против корупцијата, со ефикасни институции, со компетитивна економија, со демократски вредности и демократска политичка култура, со човекови права и слободи, конечно, со функционални системи што ќе можат да се справат со пожарите, поплавите и другите елементарни непогоди. За да ја добиеме оваа битка, мора да ги вклучиме младите во секоја етапа на носење одлуки што се однесуваат на нив и на нивната иднина. Ние не смееме да носиме одлуки за младите без младите. Оваа битка е и нивна битка, ваша битка, што можете да ја водите само тука, во својата татковина“, рече Сиљановска-Давкова.
Вистинскиот патриотизам, вели таа, се докажува не со празни зборови, не со гола реторика, туку со работа и со труд.
Според претседателката Сиљановска Давкова, македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, како што посочи, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место, рече претседателката, беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија.
„На нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, сѐ уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат. Но, знаеме дека меѓу земјите членки имаме многу пријатели коишто се застапуваат за нас и ја будат европската совест кон случајот со нашето маратонско интегрирање. Ние мора да им помогнеме со тоа што нема да отстапиме од зацртаниот европски пат. Тоа е и нашиот пат. Македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите“, изјаави Сиљановска-Давкова.
Како врвен приоритет ја посочи соработката со нашите стратешки партнери и европски пријатели, бидејќи покрај географски, ние и вредносно, политички и економски припаѓаме кон големото европско семејство.
Говорот го заврши со „Копачите“ на Кочо Рацин, коментирајќи дека во фашистичкиот мрак којшто во тој период веќе се спушти над Европа, авторот на оваа книга ги навести белите мугри на македонската слобода.
„’Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори −
над карпа в крв се мие
и темнината пие
cилнo
светнал
ден!’
И навистина. Пет години подоцна, на Илинден, силно светна денот за нашата слобода“, рече Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

