Македонија
Од прв премиер Албанец до целосно уназадување за неколку месеци, велат од ДУИ
„Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) е длабоко загрижена за развојот на настаните што ги поткопуваат принципите на еднаквост, соживот и интеграција во Република Северна Македонија. Денес, за жал, се соочуваме со систематски обиди да се врати назад деценискиот напредок, да се преврти историјата наспроти вредностите на правдата и инклузивноста кои ја изградија оваа држава“, соопшти ДУИ.
„Од нула учество во јавната и државната администрација, Албанците успеаја да создадат историја со изборот на првиот премиер Албанец во Северна Македонија.
Ова не беше само триумф за Албанците, туку и победа за идејата за еднаквост меѓу народите и дека секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, заслужува еднакви можности.
Денес, овие достигнувања се во опасност од уништување.
Систематското отстранување на Албанците од клучни позиции и нивното заменување со пониски улоги претставува намерен чин на маргинализација што ги нарушува принципите на еднаквост и меритократија.
Албанските претприемачи се соочуваат со неправедни пречки кои го спречуваат економскиот развој и создаваат бариери за учество во растот на земјата.
Најавата за ревидирање на Законот за јазици претставува директен напад врз Охридскиот договор, договор што ги постави темелите за мир и меѓуетничка хармонија во нашето општество.
Албанците се соочуваат со понижувачки третман преку враќањето на југословенскиот концепт на негирање на етничката идентификација, по одлуката на Уставниот суд.
Во исто време, инцидентите на етничка основа, поттикнати од омраза и предрасуди, ја враќаат земјата назад во време на омраза, наместо да го промовираат дијалогот и разбирањето.
Демократската унија за интеграција нема да остане тивка пред овие случувања.
Ги повикуваме сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на етничката припадност, да се обединат против обидите за деградација на вредностите на еднаквост, толеранција и хармонија.
ДУИ повторно ја потврдува својата посветеност да ги искористи сите демократски, законски и меѓународни механизми за да ги заштити правата стекнати со многу жртви, за да ги заштити постигнувањата на Охридскиот договор и да гарантира дека Северна Македонија ќе продолжи да биде модел на успешен мултиетнички соживот.
Нашата земја не смее да дозволи враќање во ера на поделби, дискриминација и конфликти. Демократската унија за интеграција ги повикува сите политички фактори, меѓународни партнери и граѓанското општество, да преземат итни мерки за заштита на заедничката иднина и предвидливост на Северна Македонија.
Еднаквоста не е привилегија – таа е право. ДУИ ќе остане непоколеблива во заштитата на ова право денес и утре, како силна гаранција за посветла иднина“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

