Македонија
Од Рогачево кон Јажинце забрана за сообраќај за камиони, од Тетово кон Попова Шапка за автобуси

На патниот правец село Рогачево кон граничниот премин Јажинце е воведена забрана за тешки товарни возила, а на патниот правец од Тетово кон Попова Шапка забрана за движење за автобуси, додека за другите возила е задолжителна зимска опрема, информира попладнево АМСМ.
Зимска опрема за сите возила е задолжителна и на патниот правец кон граничниот премин Делчево.
На останатите државни патишта сообраќајот се одвива во зимски услови по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Mицкоски во честитката за Рамазан Бајрам: „Сите заедно мораме да го смениме системот“

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати честитка до муслиманите во државата по повод празникот Рамазан Бајрам.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на сите граѓани од исламска вероисповед да Ви го честитам празникот Рамазан Бајрам и да ви посакам добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата.
Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобвства и да не ги заборават сиромашните и сираците.
Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото.
Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава.
Нашата заложба како Влада е да ги негуваме културата, традицијата, различностите, но пред сè да реализираме проекти кои значат економски развој и напредок за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.
Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции.
Продолжуваме да ја градиме Македонија и заеднички да создаваме услови за сите.
На сите граѓани од исламска вероисповед им посакувам овие празнични денови да ги поминете во добро расположение, благосостојба и мир“, напиша Мицкоски.
Македонија
Прво сведоштво на Костадинов за пожарот: Се измокрив со црево и влегов низ прозорецот кај билетите, ги вадевме луѓето еден по еден

Со маса го скршив прозорецот и со цревото прскавме вода внатре. Вака 19 годишниот Јован Костадинов кој спаси 21 живот во пожарот во „Пулс“ го почнува првото сведочење за она што се случувало кобната ноќ на 16 март.
За иницијативата „Поддржи го Кочани“ која произлезе за донирање средства за семејствата на настраданите во пожарот, тој заборуваше што се’ се случувало вечерта.
„Го земав цревто, се измокрив. Отидов на главниот влез, ама луѓето таму беа многу заглавени, па влегов низ прозорецот што е кај билетите. Влегов во таа соба, имаше таму четири или пет луѓе. Вратата беше заглавена, ја скршивме и почнавме да ги вадиме еден по еден“, раскажува Костадинов и додва дека не било лесно да се вадат онесвестените лица кои морал да ги носи надвор пред дискотеката, па повторно да влегува внатре.
Вели имало многу чад, а тој повеќе пати влегувал и излегувал, а патем и од се’ што го видел, му се слошило. Излегол надвор, го измиле со вода и се освежил.
Со возило бил пренесен во болницата во Кочани. Почнале да го печат очите и да му се врти, а со него имало уште две лица во возилото, биле свесни, но ги придржувал. Во болницата добиле кислород, им бил проверен пулсот. Костадинов, исто како и другите сведоци кои досега зборуваа за трагедијата, рече дека во болницата било хаос.
Македонија
Попладнево пороен дожд, грмежи и ветер, најавија метеоролозите

Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2).
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 10, а максималната ќе достигне од 12 до 19 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер.