Македонија
Од септември на медицинските сестри и техничари ќе им биде платено високото образование
Од септември на медицинските сестри и техничари ќе им биде платено високото образование, најавија по денешниот работен состанок, министерот за здравство, Венко Филипче, директорите на ФЗО Стево Крстевски и Фатон Ахмети, претседателот на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски и претставници на Здружението на медицинските сестри, техничари и акушерки.
На медицинските сестри и техничари коишто завршиле високо школо или специјализација и се стекнале со образование од 180 односно 240 кредити, досега тоа образование не им беше платено. Во 2015 година е направен пресек со донесувањето на одлука да се платат само специјализации односно високите школи на тие што до тогаш завршиле и сите медицински сестри и техничари коишто инвестирале во своето образование од 2015 натаму тоа неможе да го валоризираат преку својата плата.
„Благодарение на одличната соработка со двајцата директори на ФЗО на РСМ коишто ги обезбедија средствата и од месец септември оваа година сите медицински сестри и техничари коишто завршиле високо медицинско школо или специјализација и се стекнале со такво образование од 180 односно 240 кредити ќе добијат соодветен надоместок за своето образование. Се направи анекс на колективниот договор согласно Законот за здравствена заштита и начинот на којшто се одредува висината на платата. Драго ми е што е ова еден начин на зголемување на примањата на една категорија на здравствени работници коишто навистина несебично се дадоа себеси во менаџирањето на ковид кризата“, изјави министерот Филипче за медиумите.
Според претседателот на Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, кадровските ресурси се најважниот потенцијал во здравството и нивното добро менаџирање и препознавање е основа за успешен здравствен систем. Тој вели дека европските директиви во здравството се во насока на признавање на високото стручно образование на медицинските сестри и техничари и дека нивната препорака е да тој сооднос во здравствените системи се движи 50-50%, 50% на високо стручно образование со 50% средно образование, а со ваквиот пристап веќе влегуваме во процес на реализација и препознавање на овие препораки.
„Во нашиот здравствен систем тој сооднос е сеуште многу понизок со тоа што негде околу 23% се сестри со високо образовани и техничари со високо стручно образование па се надеваме дека со ваквиот пристап, со овој додаток на образование којшто значи дека вработените ќе ја земат разликата меѓу коефициентот од средно до високо стручно образование ќе значи нивно препознавање во здравствениот систем“, кажа д-р Каранфиловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.