Македонија
Од толку обилни крокодилски солзи ќе се поплави Карпош, вели Стевчо Јакимовски
Очекувам поплава во Карпош. Да си земеме соодветна опрема, рибарски чизми, вели градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
„Солзите на режисерот Христијан и актерот Вељановски се толку обилни што ќе предизвикаат поплава во Карпош. Крокодилските солзи не се за решавање на проблемите на граѓаните, туку за создавање на проблеми – да не функционира Општина Карпош, да не се реализираат предвидените програми и вработените во градинките, училиштата и општинската администрација да не земат плати.
Лелекот и солзите се толку големи што покажуваат дека ова сценарио е напишано и организирано во врвот на нивната партија. Затоа ова тие го доживуваат како пораз на Христијан Мицковски од Стевчо Јакимовски.
Не, јас не однесов победа, однесоа победа граѓаните на Карпош против деструкцијата која е евидентна на локално ниво, во Градот Скопје и во Парламентот.
Неумесните зборови, лагите, и несоодветните квалификации кои до сега ги упатуваа советниците на ВМРО ДПМНЕ кон мене сега ги упатуваат кон претседателот на Советот Бранко Ристов.
Срамота за речникот употребен против претседателот на Советот кој има право да биде болен како секој нормален човек, а всушност болни сме сите од вмровскиот егзибиционизам.
На неостварениот глумец Вељановски само да му кажам дека на претпоследното продолжение неговиот колега Марјан Стефановски како мало дете симулираше главоболка и побара пауза за да може да се соземе, а сите знаевме дека за разлика од професионалецот, овој е глумец статист. Глумеше главоболка со цел да дојде главниот глумец „Роберт де Ниро“.
За жал, нивната серија заврши, главниот глумец Де Ниро не е повеќе во серијата и сега сите му се виновни. Виновни му се сите нормални, конструктивни советници на кои што им е важно ако не им ги решаваат, барем да не им создаваат проблеми на граѓаните.
Плачете режисери и глумци од ВМРО ДПМНЕ, Карпош има квалитетна мрежа на атмосферска канализација. Вашите солзи ќе завршат во за сега матниот Вардар, како што ќе завршите на изборите“, пишува Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 63 загинати и над 200 повредени е настан што ја одбележа 2025 година
2025 година ќе остане запаметена по тешката трагедија што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која ја потресе целата земја. Во раните утрински часови, за време на настап на македонската група ДНК, пиротехнички средства што беа употребени на сцената го запалија таванот на клубот исполнет со млади луѓе.
Пожарот бргу се прошири и предизвика густ чад, паника и обид за бегство низ тесниот единствен излез. Во трагедијата загинаа 63 лица, претежно млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави најсмртоносната цивилна катастрофа во историјата на земјата од овој тип.
Истрагата подоцна покажа дека дискотеката работела без соодветни дозволи и противпожарни стандарди. Според обвинението, овие пропусти и системски недостатоци имале влијание врз исходот од настанот.
Трагедијата предизвика национално тажење, протести и подигнување на јавна дебата за безбедноста на јавни простори и институционалната одговорност. Подоцна, повеќе лица, меѓу кои ексфункционери и државни службеници, беа обвинети за злоупотреби поврзани со работата на клубот. Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот не призна вина. Судскиот процес за пожарот е во тек.
Македонија
СДСМ тврди: Има координирана операција за уривање на партијата од внатре
Криминалната власт ја започна последната фаза од кампањата – репресија врз СДСМ и политички прогон, велат од опозициската партија.
„По Декретот и забраната на слободата на говорот, сега сакаат да апсат. Се обидуваат да ја запрат борбата на СДСМ против криминалот и корупцијата на ВМРО и ЗНАМ, да ја замолчат опозицијата. Прва фаза, обвини ја СДСМ и нападни ја од надвор со лажни вести и од внатре. Втора фаза, забрана на говор. Трета фаза: репресија и политички прогон. Copy-paste сценарио по рецепт на СНС“, велат од СДСМ.
Според партијата, целта е јасна – заштита на криминалците во власта од кривична одговорност за скандалите со тендери кои секојдневно ги објавува СДСМ.
„Како што беа 161 тендер за една фирма вредни 5,3 милиони евра, 9 милиони евра за друга фира со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендери од Пошта и многу други. Затоа: Власта ги заби канџите и презеде целосна контрола врз судството и обвинителството. Се води акција за медиумски напад врз СДСМ, постојано и секојдневно се бомбардира јавноста со лажни вести од кујните на ВМРО. Има координирана операција за уривање на СДСМ од внатре, преку поединци како Деспотовски и синхронизирани текстови на Героски за јавно напаѓање на партијата. И затоа се исплаќаат рати кон ЗНАМ за предавничка Резолуција преку тендери. Сега на сите им е јасно. Политичкиот прогон, репресијата и нарачаните судски пресуди се последни подготовки пред изборите наредната година и носењето мигранти. СДСМ нема запре, борбата против криминалот и корупцијата на ВМРО-ЗНАМ продолжува. Сите ќе одговарате. Работата не е завршена“, се наведува во соопштението.
Македонија
Најстудено на Шапка, утрово измерени -14 степени
Утрово најстудено е на Попова Шапка каде се измерени -14 степени, -12 во Mаврови Анови, -10 Крива Паланка, Берово, Kрушево, -6 Виница, Куманово, -5 Скопје-Петровец, Тетово, Прилеп, -4 Скопје-Зајчев Рид, Битола, Штип, Охрид, -3 Струмица, Велес, Кавадарци, Претор, -2 Демир Капија, 0 Гевгелија.
Денеска ќ биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Наместа ќе има услови за провејување на снег. Ќе дува засилен до силен северен ветер.
Максималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6 степени.
Во Скопје, сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.
фото/депозитфотос

