Македонија
Од утре почнува аплицирањето за субвенциите за велосипеди и електрични тротинети
Градот Скопје утре ќе ги објави јавните повици за доделување субвенции за велосипеди и електрични тротинети во 2020 година.
Новитет оваа година е што граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари оваа година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Повиците ќе биде отворени до 30 ноември или до реализирање на средствата, а ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.
Барателот треба да ги исполни следниве услови:
– да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари);
– да нема искористено субвенција за купување на велосипед (важи за повикот за субвенции за велосипеди) или да нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет (важи за повикот за субвенции за електрични тротинети) од Град Скопје;
– новиот велосипед или електричен тротинет да е купен или го купи во Република Северна Македонија од 01.01.2020 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2020 година;
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавните повици се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави:
– барање и изјава за субвенција за купување на еден велосипед (Барањето и изјавата може да се подигнат во архивата на Град Скопје или да се обезбедат од интернет страницата на Градот: https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici);
– барање и изјава за субвенција за купување на еден електричен тротинет (Барањето и изјавата може да се подигнат во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici);
– доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот;
– фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
– изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје (за повикот за субвенции за велосипеди);
– изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет од Град Скопје (за повикот за субвенции за електрични тротинети);
– доказ дека е извршено купување на нов велосипед или електричен тротинет од Република Северна Македонија, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во РС Македонија, со датум од 01.01.2020 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици, но не подоцна од 30.11.2020 година, при што задолжително е велосипедот или електричниот тротинет да е целосно отплатен и плаќањето на рати не се прифаќа;
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед или електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 09 до 15:00 часот.
Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно предвидените финансиски средства, Град Скопје оваа година ќе додели субвенции за околу 2800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.
Градот Скопје континуирано работи на промоцијата на употребата на алтернативни превозни средства, чија предност, за разлика од автомобилите, е намалување на метежот во сообраќајот и загадувањето на животната средината.
За 2018 и 2019 година, Град Скопје додели вкупно 7255 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 313 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.