Македонија
ОКТА продолжува со реализација на платформата „ЈАС ВНИМАВАМ“ за поголема безбедност во сообраќајот
ОКТА продолжува со реализација на својата долгорочна општествено одговорна платформа „ЈАС ВНИМАВАМ“, како јасен показател за посветеноста на компанијата за зголемување на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот. Дел од годинешните активности предвидени со платформата ќе се реализираат во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), а се опфатени во новиот Меморандум за соработка, со кој во следните три години се продолжува партнерството на ОКТА со оваа институција.
„Безбедноста во сообраќајот останува еден од клучните столбови на корпоративната стратегија за општествена одговорност на ОКТА. Преку платформата ЈАС ВНИМАВАМ, веќе седум години во континуитет спроведуваме различни активности за поддршка и едукација на сите учесници во сообраќајот, со цел да поттикнеме поголема колективна свест и индивидуална одговорност. За успехот на оваа мисија од големо значење се партнерствата со останатите чинители, меѓу кои секако е и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, затоа што за создавањето одржлива сообраќајна култура неопходен е континуиран и заеднички напор“, истакна Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност во ОКТА.
Едукативни работилници во неколку основни училишта наменети за најмладите учесници во сообраќајот, како и спроведување на едукативна онлајн кампања за пошироката јавност насловена „Каде брзаш?“, се дел од заедничките активности кои ОКТА и РСБСП, со поддршка на МВР, ќе ги реализираат во текот на октомври и ноември оваа година.

„Платформата на ОКТА за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот е вистински пример за тоа како може и треба да се придонесува за остварување на целите кои се во интерес на сите граѓани и на целото општествено, затоа што сите ние сме на некој начин учесници во сообраќајот и посакуваме намалување на сообраќајните несреќи и побезбедни патишта. Како институција чиј главен фокус е безбедноста во сообраќајот и на патиштата, со ОКТА ги споделуваме истите заложби и цели што се потврдува и со овој наш меѓусебен Меморандум за соработка“, рече Гордана Кожуваровска, претседателка на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во рамки на платформата „ЈАС ВНИМАВАМ“ планирани се и други активности кои ќе бидат реализирани од ОКТА во следниот период. Една од нив е донација на нови фотоволтаични знаци кои треба да се постават на пешачките премини на неколку фреквентни сообраќајници во близина на основните училишта во центарот на главниот град.
Во 2017 година ОКТА започна со спроведување на активности во рамки на платформата „ЈАС ВНИМАВАМ” преку која досега има реализирано различни иницијативи, донации и креирано бројни едукативни содржини со цел да придонесе за поттикнување повисока свест и разбирање за потребата од зголемување на личната и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истата година, оваа платформа ја доби и наградата за најдобра национална општествено одговорна практика.
Повеќе информации за досега спроведените активности од платформата „ЈАС ВНИМАВАМ“ може да најдете на веб-страницата на ОКТА.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

