Македонија
ОЛАФ порачува: Средствата од ЕУ не смее да завршат во џебовите на измамниците
Предизвиците и можностите за спречување измама се на врвот на агендата на годинешната конференција за единиците на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за координација на борбата против измама, што се одржува во Република Северна Македонија од 18 до 20 септември. Во организација на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ), во соработка со Министерството за финансии, на настанот учествуваат претставници од органите за спроведување на законите, но исто така и од државната администрација на 7-те земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Покрај тоа, учествуваат претставници од 3 земји членки на ЕУ, како и од Грузија, Молдавија и од Украина. Конференцијата се фокусира на преточување на оперативните знаења во ефикасни мерки за спречување измама.
Единиците за координација на борбата против измама ја олеснуваат ефективната соработка и размената на информации со ОЛАФ. Тие имаат активна улога во спроведувањето сеопфатни стратегии за борба против измама на национално ниво споделувајќи информации за можните неправилности во врска со управувањето со средствата од ЕУ и применувајќи ефективни мерки за заштита на буџетот на ЕУ. Имајќи предвид дека вкупниот износ на претпристапното финансирање за 2014-2020 година е речиси 12 милијарди евра, позитивната соработка со земјите кандидати и потенцијалните кандидати претставува актуелна тема на семинарот. Овој настан е одлична можност властите во земјите учеснички да извлечат полза од дискусиите и споделените искуства.
„Верувам дека борбата против измамата и корупцијата треба да биде клучен елемент во владините активности вклучувајќи го и обезбедувањето алатки потребни за откривање и гонење измамници од страна на органите за спроведување на законите и јавната администрација“, рече генералниот директор на ОЛАФ, Виле Итала. „Наша заедничка одговорност е да обезбедиме средствата од ЕУ да се трошат правилно и ефикасно и да не завршуваат во џебовите на измамниците“, додаде тој.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, рече дека спречувањето е клучна област во борбата против измамата и треба да се третира како приоритет од страна на органите за управување, сертифицирање и ревизија.
„Полесно и поекономично е да се спречи отколку да се поправа сторената штета од измамата. Стабилен и ефективно имплементиран систем за управување и контрола е од суштинско значење бидејќи може значително да го намали ризикот од измама“, додаде таа.
Исто така, информира дека во тек е постапка на воспоставување институционална мрежа или т.н. АФКОС-мрежа за сузбивање неправилности и измами. АФКОС-мрежата ќе обезбедува подобра соработка на национално ниво на институциите вклучени во борбата против неправилности и заштита на финансиските интереси на ЕУ.
Силната улога на ОЛАФ во спроведувањето истраги во земјите кандидати за членство во ЕУ ќе продолжи дури и кога Европското јавно обвинителство ќе почне да функционира во 2020 година. За таа цел, еден од претпристапните услови подразбира остварување солидни резултати при соработката со ОЛАФ за истрагите и пријавувањето неправилности што ги откриваат самите земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 23.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.