Македонија
ОМД реагира на филмот за Македонија на Морган Фримен
Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) возврати на првата најава за филмот „Selling Lies“, со кој Македонија е претставена единствено како земја на лажните вести. Документарниот филм се основа на мрежа тинејџери кои преку пласирање на лажни вести со политичка содржина, наводно интервенираат во претседателските избори во САД, 2016 година.
Филмот е продуциран од страна на Revelations Entertainment во сопственост на актерот Морган Фримен, и во партнерство со филмскиот директор одликуван со награди од Филмската Академија, Лесли Леркс.
,,Да бидеме јасни: вклученоста на македонските компјутерски експерти во претседателските избори во САД во 2016 година, наложува детална истрага и јавна расправа. Документарниот филм би требало да делува токму во таа насока, да ја актуелизираат темата, како би се посветило многу поголемо внимание“, вели Методија А. Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД).
Според него, проблемот кој го забележале во најавата за документарниот филм, е репрезентативноста на Македонија. Рустичната градба и трошните блокови, не се единствената слика за Македонија. Тоа не е земјата која јас ја познавам, и искрено се надевам дека филмот ќе се осврне и на културното богатство, меѓу другите позитивни одлики на Македонија.
,,Да се обвинат група тинејџери за исходот од претседателските избори во САД во 2016 година, е навредливо за секој со мало познавање во изборните принципи и практики. Сметам дека американската јавност не е неука за да може да поверува на се што протекува на интернет, и сметам дека американските медиуми се доволно стручни да ги процесираат вестите во нивното репортирање.
Верувам дека секоја земја во светот има помалку репрезентативни населени места со жители кои му пркосат на законот. Затоа се надевам дека филмот ќе изостави да ја претстави Македонија како назадна Балканска земја, во која секој би направил се за пари”, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

