Македонија
ООУ „Лазо Ангеловски“ домаќин на краткорочна размена на ученици
ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром оваа недела, од 11 до 15. 4.2022 година, е домаќин на краткорочна размена на ученици во рамките на проектот на „Еразмус +“ – „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“, во кој учестуваат 3 партнер-училишта од Хрватска, Србија и од Романија.
Манифестацијата беше отворена на 11 април со пригодна приредба изведена од нашите ученици, на која беше прикажана куса драматизација поврзана со обичаите за Велигден и народни ора. Во текот на денот следуваа активности за тим-билдинг и меѓусебно запознавање на учениците, посета и прием во Општина Аеродром и проследување на првиот дел од презентациите за Македонија, а во пладнивните и вечерните часови во опуштена атмосфера имаше заеднички ручек и вечера со сите гости.
![]()
На гостите добредојде им посака директорката на училиштето „Лазо Ангеловски“, м-р Магдалена Петреска, осврнувајќи се на проектот и неговата важност за идните генерации истакнувајќи дека живееме во време на отворено и брзо пласирање информации, во кое нашите деца треба да знаат како да ја проверуваат веродостојноста, да ги препознаваат дезинформациите и како во иднина одговорно самите тие да пласираат информации. Само така може да имаме добро информирани идни граѓани и веродостојни информации. Потоа таа истакна дека проектот придонесува и кон создавање нови пријателства меѓу децата и возрасните од земјите во регионот.
Своето задоволство во врска со манифестацијата го изразија и координаторите на групите учеснички.
Стјепан Лучки, директор на ОУ „Св. Петар“, Ореховац, Хрватска, координатор на проектот, ја изрази својата благодарност и истакна: „Воодушевени сме од приредбата, од драмската изведба и од прикажаното народно оро и од носиите, кои имавме можност да ги видиме. Можевме да видиме дека со голема волја и жар е подготвена приредбата, па големи пофалби до учениците и наставниците што ги подготвуваа“.
Стојанка Лесички, координатор на проектот на „Еразмус+“ – „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“, изјави дека во рамките на проектот сите училишта успешно формирале свој дигитален училиштен весник и притоа разменувале новинарски натписи. На блогот на проектот реализирани се над 500 објави со текстови испратени од училиштата. Креирани и одржани се многубројни работилници и тркалезна маса на тема „Медиумска писменост“. За потребата од поддршка на вакви и слични проекти, го истакна следново: „Сметаме дека дигитални весници за деца се и повеќе од потребни. Недостига буџет за такво нешто, а потребата од нив секако постои со оглед на тоа дека нашите деца наоѓаат информации само на социјалните мрежи и често се дезинформирани затоа што има многу лажни вести, многу објави, кои децата, всушност, не би требало да ги читаат. Кај нас постојат дигитални весници за студенти, средношколци, но не и за децата од основните училишта, кои всушност се најмалку медиумски писмени, и ние и понатаму ќе се залагаме, дури и по завршувањето на овој проект да се направат обиди да се реализира оваа идеја и се надевам дека овој наш проект ќе поттикне некаква активност во оваа сфера, сферата на медиумска писменос“.
![]()
Биљана Вучковиќ, Чичевац, Србија: „Ние доаѓаме од мало место и нам ни е многу мило што ја почнавме новинарската секција во Србија. Денес, тука, присутни се деца кои се нашите најдобри новинари, оние што имаат напишано најголем број текстови. Преку овој проект децата имаат можност преку целата година да бидат активни и да стекнуваат дигитални и вештини за медиумска писменост“.
Ciofalca Mihaela Cristina, претставник на партнер-училиштето од Романија: „Ние ја почнавме нашата соработка со координаторот Стојанка Лeсички и координаторот од вашето училиште Љубица Ружинска на платформата eTwinning, а заедничката цел ни беше да ги подобриме дигиталните вештини и медиумската писменост на нашите ученици. Нашите ученици и наставници работат на зголемувањето на свесноста за сајбер-насилството, како да го препознаат, како да препознаат лажни вести, како да проверат веродостојност на вести и особено во време на пандемијата се појави потреба да пишуваме токму на овие теми. Им благодариме на нашите партнери од Македонија, кои одлично ја подготвија оваа размена“.
Во текот на другите четири дена од ученичката размена се реализираа повеќе работилници поврзани со темата на размената и во склад на целите на проектот, и тоа: „Моќта на медиумите“, „Да бидеме реални“, „Дали е трик или го заслужува мојот клик?“ и „Филтирани меурчиња“. Учесниците на размената исто така имаа можност да се запознаат со културата, обичаите и знаменитостите на градот Скопје и нашата држава преку презентации што сами ги подготвија, како и културните посети, кои се реалзираа во текот на размената: шетачка тура низ градот Скопје, проследена со лов на богатство, како и посета на археолошкото наоѓалиште „Стоби“. Истовремено, преку разните видови неформални активности во училиштето и надвор од него учесниците имаа можност да се дружат, забавуваат и да формираат нови пријателства со своите соучесници од државите.
Учениците учесници на ученичката размена, кои воедно се членови на медиумската група во училиштето, која е дел од овој проект, напишаа натписи во училишниот дигитален весник „Л.А ИН-форматор“ за активностите и впечатоците од секој ден на размената. Тие се достапни на следниот линк https://lainformator.wordpress.com/home/
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

