Македонија
„Опасни се најавите на ДПМНЕ за блокада на европскиот пат на државата“, вели СДСМ

„Блокада на нашата држава од една страна и внатрешни поделби од друга страна ќе предизвика огромна штета за иднината на државата. Тоа е клучната опасност од доаѓање на власт на ДПМНЕ и режимот во најава“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните кои ќе излезат на гласање на 8 мај мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна закана.
Ако десничарската партија добие таква моќ, може да се соочиме со крај на нашата европска перспектива, крај на независните медиуми и крај на надежта за судство и правда додека во државата ќе растат тензии. Добро е познато како изгледа владеењето на режимот.
Затоа е потребна мобилизација на сите демократски, прогресивни сили, масовна излезност на 8 ми мај. Глас за СДСМ и Коалицијата е глас за просперитетна иднина“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Со црвените линии за Бугарија, Филипче подготвува ново предавство и нов бонбона бизнис

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Вевчани порача дека на овие локални избори, Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл.
Посочи дека лицемерие е кога Венко Филипче вели, дека нема да води негативна кампања, а веќе во наредната реченица ја злоупотребува големата човечка трагедија која се случи во Кочани, а истиот тој, како што дополни Мицксоки, спрема и ново предавство и поклон за нашиот источен сосед, Бугарија преку нивните т.н. црвени линии.
„Тоа е всушност реалното лице на опозицијата која во најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов поклон за нашиот источен сосед. Тоа е подарок којшто тие го нарекоа Резолуција или црвени линии, после кој СДСМ сака, нормално, да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ, на грбот на македонските граѓани. Сосема сигурно оттука може да се заклучи ако францускиот т.н. предлог беше толку прекрасен и Венко ни велеше дека идентитетот бил заштитен, тогаш прашањето ни е зошто, тогаш, ни требаат овие црвени линии, коишто се дел од т.н. резолуција на СДСМ. Одговорот лежи во тоа дека СДСМ, повторно, со трикови сака да направи некој нов бонбона бизнис, познат за нив како карактерна особина од минатото“, истакна Мицкоски.
Затоа порача Мицкоски на овие избори мора да се излезе масовно и во огромен број и да се изрази волјата јасно, дека народот владее во оваа држава а не, како што рече, тесните клики кои владеењето го гледаат само преку призмата на наместени тендери.
Македонија
Извештај на Стејт департментот: Македонија отворена за инвестиции, корупцијата кочница за бизнисот

Водењето бизнис во Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, иако корупцијата останува постојан предизвик, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима за 2025 година.
„Големите странски компании што работат во Технолошките индустриски развојни зони генерално пријавуваат позитивни инвестициски искуства и одржуваат добри односи со владини претставници,“ се вели во документот.
Извештајот посочува дека земјата е кандидат за ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од март 2020 година, и дека останува отворена за американски комерцијални инвестиции.
„Целокупната регулаторна средина во земјата останува комплексна, а честите регулаторни и законски промени, заедно со недоследното толкување на правилата, создаваат непредвидлива деловна средина погодна за корупција,“ стои во извештајот.
Транспаренси Интернешнл ја рангираше Македонија на 88 место од 180 земји во Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, со резултат 40 од 100.
Се посочува дека во 2024 година беа забележани ограничени напори за привлекување нови инвестиции, а Владата беше фокусирана на енергетска ефикасност, поддршка за ранливи домаќинства и ублажување на инфлацијата. Истовремено, ангажирани беа странски компании за јавни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура.
Во извештајот се наведува дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги, вклучувајќи и против високи функционери, „иако само неколку резултираа со кривично гонење“.
Дигитализацијата и зелената енергија се наведени како области со потенцијал за американски инвестиции, поради посветеноста на Владата да ги поддржи овие сектори.
Како предност се наведува геостратешката положба на земјата на коридорите VIII и X, што овозможува поблиска поврзаност со потрошувачките центри во Европа.
„И покрај владините мерки за поддршка, БДП во 2024 година порасна за 2,2 проценти, при што реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари,“ се наведува во извештајот. Во него се посочува и дека стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 изнесувала 12,5 проценти.
Според извештајот, во „Планот за забрзување на растот“ Владата постави цел просечната стапка на раст на БДП да се зголеми на 5 проценти во периодот 2022–2026, со создавање 156.000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6 проценти.
Македонија
Сали: „АС Сењак“, алката што го поврзува Ахмети со Мијалков и српскиот режим

Четврти ден владее молк и паника. Нема објаснување за трансакциите со акции меѓу фирмата „АС Сењак“ и компании поврзани со Сашо Мијалков, ниту пак за продажбата на истите акции на Алта Банка во Белград, банка блиска до режимот на Александар Вучиќ, вели Беким Сали од „Вреди“.
„Фактите се јасни: „АС Сењак“ е фирма со минимален број вработени и без реална дејност, но врти милиони евра. Приходите речиси целосно се совпаѓаат со тендерите добиени од општини предводени од ДУИ.
Со тие пари се купуваат акции од фирма на Мијалков, а потоа се продаваат на банката на Вучиќ. Само шест дена по продажбата, една општина предводена од ДУИ ѝ доделува на „АС Сењак“ два нови договори вредни 90 милиони денари – еден и пол милион евра. Тоа не може да се нарече случајност, туку исплата и награда за успешно завршена операција“.
Од партијата на Сали прашуваат: Али Ахмети, зошто твојата фамилија купуваше акции од Сашо Мијалков? Зошто токму тие акции завршија кај банката на Вучиќ? Дали тендерот од еден и пол милион евра беше наградата за тој договор? Колку станови, колку тендери и колку милиони евра чинат вашето „родољубие“?
Ова, според него, не е само политичка афера, ова е криминал кој бара итна одговорност.
„Парите на граѓаните очигледно се користеле за лични бизниси и за договори со структури кои работат против интересите на Албанците.
Времето на молкот заврши. Сега е време за вистина и правда.
Го повикуваме ДКСК и Јавното обвинителство итно да ги истражат овие противзаконски и криминални дејствија“.