Македонија
Опозицијата го искритикува законот за високо образование – „Студентите не се приоритет“
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција упати критики до власта дека студентите и високото образование не се нејзин приоритет.
„Ставија европско знаменце на законот за високо образование, а се покажа дека тоа е само начин да ја забрзаат процедурата, но не и суштински да го подобрат текстот на законот. Како поинаку да се толкува фактот што мнозинството и министерката Рената Дескоска одбиваат да прифатат амандмани со кои се предвидува зацврстување на автономијата на студентското организирање, како и зачувување на студентскиот стандард. Предложениот закон е рестриктивен и недемократски во однос на правата на студентите, студентските избори, односно студентскиот парламент“, рече Андоновски.
Според опозицијата, со овој закон универзитетските односно факултетски студентски собранија стануваат тела на универзитетот, со што се влијае на автономијата и независноста на студентското организирање. ВМРО-ДПМНЕ смета дека е апсурдно изборите за студентските претставници на факултетстките студентски собранија да ги распишува деканот наместо самите студенти.
„Студентскиот правобранител кој треба да ги штити правата на студентите ќе се бира на седница на универзитетскиот сенат и на сенатот ќе треба да му поднесува извештаи за неговата работа. На кого му служи студентскиот правобранител, на студентите или на професорите? Предложените одредби значат инволвирање на универзитетот во работата на студентското движење. Студентите треба да бидат независни и не смее да има влијание на нив од страна на органите на единиците или универзитетот“, рече Андоновски.
Понатаму, тој додаде дека предлог законот го укинува правото за намалување на партиципацијата на децата од еднородителски семејства, па со предлогот на СДСМ, децата од еднородителски семејства се изедначени со сите други студенти и немаат право на поволности при студирањето.
Опозицијата упати критики, укажувајќи и дека СДСМ го укинува правото на редовен студен, кој е запишан во приватната квота на државните универзитети и плаќа 400 евра, по првата година од студии доколку постигне просек од 8,5, да може да се префрли во државна квота и да плаќа само 200 евра до крајот на студирањето, доколку го задржи просекот.
„Се укинува и правото на бесплатно школување за студенти со завршен просек од над 9 во претходната година. Со неприфаќањето на предлозите да се подобри текстот се пропушта шансата за подобар закон. Со ова владата предводена од СДСМ покажува дека високото образование воопшто не им е приоритет, туку партиските интереси“, смета опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.

