Македонија
Општина Аеродром од 5 мај почнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 5 мај (понеделник) почнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до крајот на јуни, што всушност претставува континуитет од минатата година, кога се спроведе есенска акција.
Во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени садови во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што на 5 мај (понеделник) и на 6 мај (вторник) садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица.
Потоа, на 7 мај (среда) и на 8 мај (четврток) жителите на Острово својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9 до контејнерите, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до крајот на јуни, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
„Општина Аеродром ваквата акција ја спроведува со цел да им се излезе во пресрет на аеродромци да можат бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. Со тоа истовремено ја заштитуваме животната средина од несовесно фрлање отпад, при што се создаваат диви депонии што ја загадуваат околината и се лоша слика за Аеродром. Иста ваква акција Општина Аеродром спроведе и во текот на август и септември, минатата година, при што од точно 41 локација, беа собрани околу 70 тони отпад“, информираат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се бара притвор за одгледувачот на домашен канабис

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во домот на осомничениот 50-годишник во селото Страчинци, полицијата пронашла 3 откорнати растенија и 99 пресечени, превиткани и исушени гранчиња канабис, како и 41,4 грама марихуана.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие во Тетово, Претор и Куманово

Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 08:00 часот се наврнати во Тетово – 19 литри на метар квадратен, потоа во Претор 11 и Куманово 10, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Потоа следи Пожаране со 9 литри на метар квадратен, 8 во Попова Шапка, по 6 во Крушево и Маврови Анови, 5 во Битола, по 4 во Крива Паланка и Лазарополе, по 3 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Охрид, 2 во Прилеп и еден литар на метар квадратен во Тополчани.
Во текот на денот не очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 20 l/m²), проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб со умерен ветер претежно од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието.
Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка – шест степени Целзиусови. Во Берово, Крушево и Маврови Анови по 9, 10 во Лазарополе, по 11 во Крива Паланка и Претор, по 12 во Охрид, Прилеп и Струмица, по 13 во Тетово, Битола, Виница и Куманово, по 14 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Велес, по 15 во Штип, Демир Капија, Кавадарци и Гевгелија.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.