Македонија
Општина Аеродром ќе ги уредува зелените површини
 
																								
												
												
											Општина Аеродром најави дека од денеска започнува со спроведување екоакција со која се уредуваат јавните зелени површини што се под нејзина надлежност.
Комуналните служби на општина Аеродром, почнувајќи од населбата Мичурин, во наредните денови ќе ги опфатат сите реони, а пролетната акција вклучува косење трева, собирање гранки и шут, како и метење на улиците и паркинзите.
Исто така, во текот на април е планирана и акција за расчистување на дивите депонии на разни локации во општината.
Истовремено, со цел подигање на екосвеста кај населението, инспекциските служби на Општина Аеродром започнуваат едукативна кампања преку која на терен ќе ги информираат граѓаните за Законот за јавната чистота и казните што следуваат за неговото непочитување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Условна казна за едниот од напаѓачите на градоначалничката Арсовска
 
														Реџеп Нуредини доби условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Тој беше обвинет дека заедно со Сулејман Љамалари, кој веќе е осуден, во јули ја нападнал и навредувал градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за време на инцидент во Чаир, каде било постапувано во однос на дивограба.
Нуредини денеска пред судот признал вина и изразил искрено каење.
Адвокатот на обвинетиот, Насер Рауфи, изјави дека Арсовска покажала доблест и простила, што придонело судот да изрече алтернативна, условна казна.
Сулејман Љамалари беше осуден на две години затвор за физички напад врз Арсовска за време на увид на терен.
Македонија
Филипче го повика членството да гласа по сопствено убедување во општините кадешто СДСМ нема кандидати за градоначалници
 
														Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, порача дека во општините каде што СДСМ нема кандидат за градоначалник во вториот круг, нема да има калкулации, членовите да гласаат според сопственото убедување и за вредности кои се блиски до социјалдемократијата.
„Ние нема да навлегуваме, ниту навлеговме, во калкулации или во некакви задкулисни договори. Секој граѓанин, секој член, секој симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја и до социјалдемократските вредности за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче посочи дека на втори ноември, во недела секој глас може да направи разлика и ги повика граѓаните да гласаат за локална власт која ќе биде секогаш отворена за нив и нивните потреби.
„Гласајте и изберете локална власт која е вистински сервис за граѓаните, за кандидати што нема да ја затворат вратата. После изборите таа врата ќе биде отворена за секој, кога било кој граѓанин ќе има потреба и кога некој граѓанин ќе сака да биде слушнат. Тоа е глас за луѓе кои ги исполнуваат ветувањата и кои интензивно и силно и посветено ќе работат да живееме подобри општини и градови во иднина“, порача претседателот на СДСМ.
Филипче повика на масовна излезност, со порака дека граѓаните треба да го продолжат трендот на опаѓање на поддршката за владејачката гарнитура.
„Овие избори се шансата да се покаже дека народот не се купува, не се лаже и не може да се потцени. Сметам дека треба да продолжи трендот на пад на поддршката на оваа владејачка гарнитура. ВМРО-ДПМНЕ изгуби над 140.000 гласа за само една година, тоа е јасен сигнал дека опозициското расположение расте“, рече Филипче.
Тој истакна дека власта не понудила решенија за проблемите на граѓаните и покажала „невиден степен на ароганција“.
„Гласањето е нашиот најмоќен протест против неспособноста и најсилен отпор на апатијата. Во недела сигурен глас може и ќе направи разлика“, порача Филипче.
Тој ги повика граѓаните да излезат масовно и да гласаат за кандидатите на СДСМ и коалицијата.
„Гласајте за чесни и отчетни луѓе кои ќе работат исклучиво во интерес на граѓаните, за локална власт што ќе биде вистински сервис на народот.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Филипче: Кандидатите на СДСМ се луѓе кои не ветуваат само пред избори, туку секојдневно се со своите сограѓани
 
														Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната завршна прес-конференција пред изборниот молк и денот на гласањето, испрати порака до граѓаните да го поддржат СДСМ и кандидатите кои, како што кажа, покажаа дека знаат да работат искрено, чесно и посветено за интересите на своите сограѓани.
„Денеска е практично последен ден од кампањата за овие локални избори почнува изборниот молк, и би сакал да сумирам неколку работи и да упатам неколку пораки. Прво, упатувам честитки за сите наши кандидати кои се бореа за вториот круг, вкупно 17 општини. Покажаа што значи искрена борба, чесна борба, покажаа што значи директен контакт со граѓаните, покажаа што значи да се направат програми врз основа на сугестии, предлозите на граѓаните од своите средини и навистина истрчаа, би рекол, една добра кампања,“ истакна Филипче.
Тој додаде дека кандидатите на СДСМ се луѓе кои не ветуваат само пред избори, туку секојдневно се со своите сограѓани и ги слушаат нивните потреби.
„Овие кандидати се избор за сигурност, стабилност и одговорност за градоначалници кои ќе им служат на граѓаните, а не на партијата. Тие нема да одговараат пред мене, туку пред луѓето кои ги избрале,“ нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче исто така потсети на сите кандидати кои утре ќе се борат за довербата на граѓаните. Александар Трајановски во Аеродром, Перо Костадинов во Валандово, Гоце Милевски во Виница, Лазар Петров во Демир Капија, Ристо Џинев во Дојран, Ванчо Митев во Зрновци, Благој Илиев во Конче, Томе Христоски во Крушево, Ацо Велковски во Лозово, Соња Стаменкова во Македонска Каменица, Петар Мантев во Неготино, Драган Атанасов во Пробиштип, Даниел Крстевски во Ранковце, Стојан Николов во Росоман, Горанчо Крстев во Чешиново Облешево, Сашко Комненовиќ во Чучер Сандево и Горан Герасимовски во Центар.
„Утре граѓаните имаат шанса да изберат градоначалници кои ќе бидат со нив и после изборите. Луѓе кои работат за сите, кои ги знаат вистинските проблеми и имаат сила да ги решаваат. Затоа, мојата порака е јасна, гласајте за луѓе кои ќе бидат со вас и по 2 ноември, кои ќе работат во интерес на народот, а не на партиските централи,“ порача претседателот на СДСМ.
Филипче кажа дека гласањето е најсилниот начин за промена и отпор кон, како што кажа, арогантната и неспособна власт.
„Сметам дека треба да продолжи трендот на пад на поддршката на оваа владејачка гарнитура, кој беше јасно видлив уште во првиот круг од изборите. ВМРО-ДПМНЕ изгуби повеќе од 140.000 гласови за нешто повеќе од една година и тоа е јасен показател дека опозициското расположение расте,“ истакна Филипче.
Тој додаде дека ваквиот пад на поддршката не е случаен, туку е резултат на целосната неспособност на власта да се справи со најгорливите проблеми на граѓаните.
„Јасно е зошто е така оваа власт не понуди решенија, не покажа слух, туку само невиден степен на ароганција и оддалеченост од народот. Затоа сакам јасно да порачам дека гласањето е нашиот најмоќен протест против неспособноста, најсилен отпор на апатијата и единствен начин да изградиме општества што се фер, нормални и блиски до граѓаните,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											