Македонија
Општина Гази Баба: Граѓаните да ги пријават штетите предизвикани од невремето

Состојбата по вчерашното невреме во општина Гази Баба била сложена, но сега истата е под контрола на службите, информираат од општината.
„Вчерашното невреме, кое на моменти беше критично, предизвика штети со поплавување дворни и подрумски простории на куќи и земјоделски површини. Во текот на вчерашниот ден екипи на општината, заедно со градот Скопје и јавните претпријатија, ја следеа состојбата и ги санираа сите штети од невремето“, се наведува во соопштението.
Од општината истакнуваат дека по невремето целосната локална патна мрежа, како и обиколницата биле исчистени и повторно проодни од нанесените кал и камења. Како што се наведува, биле изведени работни зафати на канализациската мрежа во Ченто, Сингелиќ и Инџиково.
„Каналите беа во постојан мониторинг и во текот на вчерашниот ден се интервенираше на повеќе места за да се спречи излевање. Во текот на денешниот ден се работи по целата должина на каналската мрежа, од Брњарци спрема Стајковци до Сингелиќ“, информираат општинските власти.
Како што се истакнува, Советот на денешната седница ги изгласал одлуките за формирање омисии за утврдување на штетите.
„Формирана е комисија за проценка на штетите на градежните објекти, како и комисија за проценка на штетите за земјоделското земјиште. Сите граѓани на кои во текот на вчерашното невреме им е предизвикана штета ќе можат од утре (8 мај), на едношалтерскиот систем во општината да пополнат образец, по што формираните комисии на терен ќе ја констатираат штетата“, наведуваат од општина Гази Баба од каде велат дека службите остануваат на терен и ќе ја следат состојбата во текот на наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.