Македонија
Општина Гостивар со по 10.000 денари ќе им помага на згрижувачките семејства
Сите семејства кои ќе одлучат да станат згрижувачки семејства, односно ќе згрижат деца во своите домови, ќе добиваат парична помош од општина Гостивар во износ од 10 илјади денари месечно.
Ова го вети градоначалникот Арбен Таравари при презентацијата на кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач“ чија цел е да го промовира згржувањето и да го зголеми бројот на згрижувачки семејства.
Во Гостивар во моментов има 5 деца кои чекаат да бидат сместени во згрижувачки семејства.
„Продолжуваме да бидеме подготвени да им помогнеме на оние семејства кои ќе покажат подготвеност за згрижување. Денеска пред присутните истакнав дека за мотивирање на тие семејства општина Гостивар секој месец ќе субвенционира по десет илјади денари. Вакви активности и поддршка покажавме и во изминатиот период за спортистите, најдобрите студенти, социјанлно загрозените семејствата, и верувам дека ќе продолжиме со ваква помош и мотивација и во иднина“, изјави градоначалникот Арбен Таравари.
Оваа национална кампања ја спроведува „С.О.С. Детско село“ во соработка со Центрите за поддршка на згрижувачки семејства „11 Октомври“, Министерството за труд и социјална политика и локалната самоуправа, а се овозможува од страна на германското Министерство за економија. развој и соработка.
Парична помош згрижувачките семејства добиваат и од државата. Инаку, за сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи, а немаа можност да учествуваат на овој настан, повеќе информации ќе можат да добијат секој работен ден во Центарот за труд и социјална политика во Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Професори од четири европски држави во посета на Собранието
Во рамките на Еразмус+ проектот „Уметничко патување кон зелена иднина“ (Artistic Journey to Green Future), денес Собранието на Република Северна Македонија го посетија професори од сите нивоа на образование од Хрватска, Турција, Малта и Шпанија.
Посетата беше организирана во соработка со Фондацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“. Од страна на Нена Неновска – Ѓорѓиевска од Фондацијата, пратениците беа запознаени со активностите и целите на проектот, по што следеше дискусија за темите што ги обединуваат образованието, уметноста и заштитата на животната средина.
Гостите имаа можност, покрај организираната обиколка на зградата на Собранието, да се сретнат и да разменат искуства со пратениците Велика Стојкова Серафимовска и Тони Јаревски, членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во отворен разговор, тие дискутираа за состојбите со животната средина, заштитата на водите, почвата и воздухот, како и за третманот на цврстиот отпад и другите предизвици во оваа област. Пратениците ги запознаа гостите и со работата на неформалната „Зелена група“ во Собранието, која се залага за унапредување на еколошките политики и зајакнување на јавната свест за климатските прашања.
Во текот на средбата беа поставени бројни прашања и споделени примери од практиките во различни европски земји, со заедничка порака дека одржливиот развој и заштитата на природата се заедничка одговорност.
Посетата претставува уште еден пример на успешна соработка меѓу образовните институции и Собранието, како и на важноста од интеркултурен дијалог и споделување на искуства во насока на зелена иднина.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Христо Смирненски 13
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул.Христо Смирненски 13, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (потегот од Зур маркет до бул.Партизански Одреди).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Шест лица го загубија животот за четири дена во сообраќајни несреќи, оставете го мобилниот додека возите, апелира МВР
Во првите четири дена од месец ноември во сообраќајни несреќи на територија на државата животот го загубија шест лица. Од почетокот на оваа година заклучно со октомври регистрирани се 115 жртви. Во текот на минатата година регистрирани се 142 жртви во сообраќајни несреќи, соопшти МВР.
„Тоа не се само бројки – тоа се нечиј син, нечија мајка, сопруг, дете. Нечии деца остануваат без родители и обратно родители остануваат без своите деца. Овој, без дилема, поразителен биланс не е производ на природни катастрофи или воени конфликти, туку резултат на нашата култура, менталитет и однесување во сообраќајот. Несмееме да дозволиме сообраќајот од секојдневна неопходност да прерасне во нужно зло на современото живеење“.
Статистиката, додаваат од ова министерство, покажува дека најчестите причинители кои доведуваат до сообраќајни несреќи со фатални последици се пред се непочитувањето на сообраќајните правила, односно користењето на мобилен телефон при возење, возењето со брзина поголема од дозволената, возењето под дејство на алкохол, итн.
„Апелираме до граѓаните: оставете го мобилниот телефон додека управувате со возилото, не возете со брзина поголема од дозволената, не седнувајте зад воланот доколку сте конзумирале алкохол. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи не го ставајте во ризик вашиот и животот на вашите најмили, како и на останатите учесници во сообраќајот.
Апелираме до родителите: не им дозволувајте на вашите деца да управуваат било какво превозно средство без соодветна обука и дозвола. Сообраќајната култура мора да им се вгради и вгнезди на децата уште од најмала возраст, а тука големо влијание имаат родителите и целокупниот воспитно-образовен процес.
Со најголема одговорност апелираме до сите учесници во сообраќајот, бидете совесни, внимателни и дисциплинирани. Една непромислена одлука – возење со мобилен телефон во рака или со брзина поголема од дозволената, или под дејство на алкохол – може да го одземе вашиот или нечиј друг живот.
Нема ништо поважно од човечкиот живот. Безбедноста на патиштата не зависи само од полицијата и контролите, туку пред сè од секој поединец зад воланот“.
Министерството за внатрешни работи, како што е нагласено во соопштението, ќе продолжи со засилени контроли на терен, но вистинската промена почнува со одговорноста на секој возач. „Почитувајте ги правилата, намалете ја брзината и не седнувајте зад волан под дејство на алкохол. Да возиме со ум, не со емоции. Да не дозволиме нашето невнимание да биде причината некој да не се врати дома“.

