Македонија
Општина Карпош ќе додели по 500.000 денари за Турција и Сирија
Советот на Општина Карпош едногласно донесе одлука да се доделат финансиски средства од 500.000 денари за двете настрадани држави.
Покрај тоа, сите советници одлучија да издвојат по 10 % од својот паушал, како и градоначалникот од својата плата.
Овие одлуки беа донесени на денешната вонредна седница свикана на барање на советничката група Левица, едногласно поддржана од сите советнички групи, со цел да се испрати помош на настраданите во Република Турција и Арапската Република Сирија. Во исто време солидарност покажаа и вработените во Општина Карпош, кои ќе издвојат дел од својата плата.
„Овие средства ќе бидат уплатени на посебна жиро-сметка за солидарен фонд и во исто време ги повикуваме и правиме иницијатива до сите физички и правни лица на територија на општина Карпош да донираат средства на оваа отворена сметка сè со цел да им помогнеме на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија“, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски по завршувањето на вонредната седница.
Јакимовски потенцира дека Карпош е подигнат од светската солидарност по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и во исто време упати апел до светските лидер да се отстрани блокадата за хуманитарна помош кон Сирија за да може да се испрати помош до настраданите.
„Карпош не заборава дека е подигнат и се развивал од светската солидарност. Сите бараки и сите руски згради, поликлиниката ‘Букурешт’ и други објекти се изградени од средствата на светската солидарност. Во исто време сакам да упатам апел до сите земји во светот да се тргне блокадата за хуманитарна помош кон Арапската Република Сирија. Режимот во Сирија е едно, страдањата и маките на граѓаните, на дечињата во Сирија, се нешто сосема друго. Треба да бидат изземени од санкциите. Инсистираме да се овозможи оваа хуманитарна помош и за Арапската Република Сирија затоа што во вакви катастрофални состојби светската солидарност треба да биде на висина. Само да потсетам, кога беше земјотресот во Скопје, многу средства тогаш пристигнаа од западниот капиталистички свет иако Југославија тогаш беше социјалистичка држава и знаете како постоеше поделба по тој основ. Аналогно на тоа, исто така сметаме дека средства треба да се упатуваат и за настраданите во Арапската Република Сирија“, нагласи Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Можни се излевања на Крива Река по нејзиниот слив, ако продолжи водостојот да расте, предупреди ЦУК
Центарот за управување со кризи информира дека од УХМР известуваат дека водостојот на Крива Река на хидролошката станица во Крива Паланка е значително висок. Ако продолжи водостојот да расте можни се излевања на Крива Река по нејзиниот слив.
Од УХМР предупредуваат за внимателност при движење покрај сливот на Крива Река.
Истовремено, ЦУК, потсетува за голема внимателност при појавата на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Инаку, според днената хидролошка информација и очекуваната тенденција за водостојот на реките и езерата на УХМР, нивото на водостоите е во покачување, додаваат од ЦУК.
Македонија
Одрон на патниот правец Гостивар-Маврово
Преку Единствен повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за одрон на патниот правец Гостивар-Маврово кај Каменоломот.
За настанатата состојба од ЦУК се известени ЈП за одржување на магистрални и регионални патни правци, а и Сообраќајна полиција коишто ќе пратат екипи се со цел нормализирање на сообраќајот, извести Центарот за управување со кризи.
Македонија
Силјановска-Давкова: Еден претседател треба да обединува и да трага по единство
Гордана Силјановска-Давкова преку социјалните мрежи се заблагодари за поддршката и кажа дека за неа ова претставува голема чест и одговорност.
„Ви тврдам и ви ветувам дека од овој момент овде јас ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Еден претседател, особено ако е жена, треба да обединува и да трага по единство. Се обврзувам на такво единство бидејќи секогаш ќе бидам со вас и за вас“, напиша Силјановска-Давкова