Македонија
Општина Кисела Вода и „КС сервис“ ДОО Битола донираат 50 ортопедски перничиња на пациентки со постмастектомија
Во рамките на активностите за одбележување на октомври како месец посветен на подигање на свеста за ракот на дојката, денес во Општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Марија Кукуноска, директор за развој на „КС сервис“ ДОО Битола и претставникот од истата компанија, Александра Војнески.
На овој работен состанок, на кој зеде учество и претседателот на Советот, како и членови на Комисијата за еднакви можности на Кисела Вода, беа договорени повеќе настани и активности за зголемување на свесноста и подобрување на разбирањето за ракот на дојката како една од најчестите малигни заболувања кај жените.
„Општина Кисела Вода активно се вклучува во борбата против оваа подмолна болест заедно со компанијата ‘КС сервис’ ДОО Битола со донирање 50 ортопедски перничиња на пациентки со постмастектомија. Со овој чекор, пред сѐ, сакаме да им дадеме поддршка на нашите сограѓанки кои моментно се лекуваат и да им порачаме дека не се сами во нивната борба. Оставаме контакт-телефон на кој тие слободно може да стапат во контакт со нас и се надеваме дека ова ќе им биде помош за полесно да го минат процесот на рехабилитација“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Перничињата за постмастектомија се специјално дизајнирани за да им помогнат на пациентките да заздрават по оперативниот зафат. Доволно е да се сместaт под раката и во дел од градите и им помагаат да се чувствуваат заштитено и поудобно од појасот во автомобил, при пазарење, а обезбедуваат и заштита при извршување на нивните секојдневни обврски. Заинтересираните жени што имаат потреба од вакво перниче може да се јават на телефонскиот број 075/316-981.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани прекини и тоа:
· во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците на улиците 393 и Стојна Стевкова, општина Чаир.
Македонија
(Видео) Работници од Индија кои никогаш не виделе снег, за прв пат му се радуваат овде во Македонија
Работниците од Индија кои работат на автопатот Прилеп-Битола и се сместени во кампот на “Бехтел и Енка”, за прв пат гледаат снег во Македонија, па одлично се забавуваа и уживаа во белата покривка.
Македонија
Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.
Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.
„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.
„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.
Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.
„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.
Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.
„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.
Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.
„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.

