Македонија
Општина Маврово – Ростуше ќе доделува по пет илјади денари за секое новороденче
Советот на општина Маврово–Ростуше донесе одлука со која на семејствата кои ќе имаат новороденче во текот на 2018 година, ќе им биде доделена еднократна парична помош во висина од 5 илјади денари.
На седницата на Советот беше објаснето дека доделувањето на еднократната помош за секое новородено дете во оваа година е во согласност со општинската програма за остварување на социјалната заштита во општината Маврово–Ростуше.
Градоначалникот на општината, Медат Куртовски изјави дека оваа еднократна парична помош се однесува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на општината Маврово–Ростуше, а не за семејствата на печалбарите кои се во странство.
Во општината Маврово–Ростуше има масовна миграција на населението. Според податоците на руралните заедници и локалната власт во странство се над 65 отсто од населението и тоа претежно во Италија, Германија, Швајцарија и други земји на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.

