Македонија
Општина Центар со помош од еден милион денари за повредените и за семејствата на загинатите во Кочани
На предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар на денешната седница донесе едногласна одлука за доделување финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за рехабилитација на повредените и поддршка на семејствата што ги загубија своите најблиски во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Кога е најтешко, да си подадеме рака, да се поддржиме, да покажеме дека хуманоста и солидарноста се најголемата сила што ја имаме. Нашите мисли се со семејствата кои тагуваат и со сите повредени што се во процес на закрепнување. Им посакувам да останат храбри и да не се предаваат, нека знаат дека не се сами”, рече градоначалникот Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ обвинува за тендерски скандал: Вториот вработен во фирмата со договори од 9 милиони евра бил поврзан со УБК и уништувањето на опремата за прислушување
На прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека власта продолжува со, како што рече, „криминални тендерски шеми“. Таа посочи дека вториот вработен во фирмата која добила тендери од речиси 9 милиони евра за само шест месеци е Глигор Поцев.
Кузеска наведе дека Поцев бил сведок во случајот „Таргет–Тврдина“ за уништувањето на опремата за масовно прислушување, како тогашен вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. Таа нагласи дека токму фирмата во која тој сега работи склучила рамковна спогодба со Владата за софтверски лиценци за виртуелна платформа.
„Како лица кои биле дел од разузнавачки структури, поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување, денес повторно се во игра за милионски тендери за софтвери?“, праша Кузеска, додавајќи дека изборот на истите кадри од „тој период“ не може да биде случаен.
Таа оцени дека скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма со само две лица и формирана пред една година, покажува дека кај Мицкоски се применуваат „истите методи“ како во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Методите се исти – милионски тендери за фирми со сомнителна историја, целта е богатење на партијата и поединци од врвот на власта“, изјави Кузеска.
СДСМ побара институциите да спроведат истрага и да утврдат одговорност, истакнувајќи дека „овие дела не застаруваат“ и дека, како што рече, „одговорност мора да има и ќе има“.
Кузеска заклучи дека „работата сè уште не е завршена“.
Македонија
Штрајк на земјоделците ја блокира грчката страна на граничниот премин Дојран
Сообраќајот на граничниот премин Дојран од грчка страна денеска е блокиран од 10.30 до 12.30 часот поради штрајк на земјоделците, соопштија надлежните служби.
Прекинот важи за сите видови возила.
Македонија
Се вклучија камерите во Скопје, возачите што ќе направат прекршок ќе добијат опомена
Камерите поставени на сообраќајниците низ Скопје од денеска ќе снимаат, а возачите кои ќе направат прекршок ќе добијат опомена, а од 1 јануари ќе се казнува.
„Сторителите на прекршоци кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град ќе бидат санкционирани согласно одредба која ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, односно нема да има толеранција без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место. Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како: управување на возило со брзина поголема дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем“, информира МВР.
За прекршоците кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок, МВР ќе му достави СМС порака на мобилен телефон и на електронска адреса (податоци кои сопственикот на возилото ги дал при регистрација на истото) со линк за преземање на Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка.
Странец, како и државјанин на Република Северна Македонија кој што со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба. Ако сторителот не ја платил глобата МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата.
За прекршок за кој покрај глобата е предвидена и санкцијата забрана за управување со моторно возило и ако сторителот ја платил глобата во предвидените рокови, и за прекршок престанок за важење на возачка дозвола, МВР ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд.
Глобите ќе може да се платат електронски преку линк кои сторителот на прекршокот ќе го добие со известувањето. Во овие случаи потребно е во уплатница автоматски да биде внесен бројот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог и износот на глобата изразена во денари.
Во овие случаи МВР веднаш електронски добива известување дека глобата е платена.
Инаку, од денеска 01.12.2025 година, започна пробниот период каде сторителите ќе добиваат известување за сторениот сообраќаен прекршок.

