Македонија
Османи во Будимпешта: Потребна ни е правилна интерпретација на сегашноста и иднината
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Унгарија оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
На средбата беше разговарано за последните актуелности во ЕУ поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, како и темите поврзани со меѓусебната соработка, развојот на билатералните односи, со посебен акцент на потенцијалите за унапредување на економската соработка.
„Како непосреден сосед на регионот, особено ја цениме принципиелната поддршка од страна на Унгарија и нивната јасна позиција за старт на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија без никакво одложување. Вчерашните одлуки во Брисел и неуспехот на Унијата и во последниот обид на германското претседателство да оформи консензус за преговарачката рамка не се во оваа насока, и дозволете да констатирам дека, тоа се доживува со длабоко разочарување во Северна Македонија“, истакна Османи, посочувајќи притоа на фактот што 26 земји членки ја потврдија подготвеноста на земјата за почеток на преговорите, како признание и за реформскиот напредок и за позитивниот пристап во добрососедските односи.
„Во вчерашните заклучоци на ЕУ се вели дека земјите кандидати треба да сторат сè за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата. Се согласувам, но сметам дека ‘слонот во собата’ е повеќе како да се спречи неправилната интерпретација на сегашноста и на иднината“, истакна Османи, посочувајќи на Договорот за распоредување на силите на Фронтекс, кој стои заглавен во телата на Унијата, токму поради противењето на Бугарија да прифати да ја признае сегашноста.
Во оваа насока, министерот посочи дека овој предизвик Република Северна Македонија го има премостено преку билатерални договори со земјите членки на ЕУ, што дополнително говори за автентичниот европски курс на земјата.
„Благодарност за придонесот и активниот ангажман на унгарските полициски сили, кои им даваат драгоцена помош на своите колеги од Северна Македонија при надзорот на нашата јужна граница. Во рамките на оваа поддршка, досега на ротација во нашата земја беа вкупно 55 контингенти, или преку илјада и петстотини (1.598) унгарски полицајци“, истакна Османи, упатувајќи притоа балагодарност и за значајната хуманитарна помош од страна на Унгарија, како дел од мерките за успешно справување со последиците од пандемијата со Ковид-19.
Двајцата министри се осврнаа и на традиционално блиските билатерални односи меѓу Северна Македонија и Унгарија зајакнати од март ова година во духот на евро-атлантското партнерство и сојузништво.
На состанокот кој од соговорниците беше оценет како исклучително продуктивен, покрај бројните теми, беа потпишани и два документи меѓу двете држави: едниот за соработка во областа на високото образование и науката; а вториот, за соработка во делот на дипломатските обуки меѓу двете министерства за надворешни работи.
За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе оствари средба и со советниците за надворешна политика на унгарскиот премиер Виктор Орбан – Јанош Бала и Јанош Мате.
Посетата на Унгарија претставува дел од мини турнеја на министерот за посета на земјите членки на ЕУ дел од поширокото соседството на Западниот Балкан. Во рамките на турнејата Османи веќе оствари посета на Чешка и Романија, а мини турнејата на поширокиот регион завршува на 21 декември со посета на Виена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

