Македонија
Османи: Заедничкото претседавање со Бугарија е историски момент со огромна симболика
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, беше домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес за Западен Балкан. Овој состанок е дел во низата значајни настани во рамките на заедничкото претседателство со процесот на Северна Македонија и Бугарија во 2020 година.
„Ова наше прво заедничко претседателство е историски момент со огромна симболика, кој укажува дека регионот презема иницијатива и одговорност врз процесите што ја определуваат неговата иднина. На тоа гледаме како на позитивен знак дека земја членка на ЕУ и земја кандидат може да работат заедно во интерес на земјите од регионот“, истакна Османи на состанокот.
Берлинскиот процес, почнат од германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година, има цел да ја поддржи европската интеграција на земјите од Западен Балкан преку поголема економија и поврзаност. Османи во оваа пригода изрази благодарност до иницијаторот и предводник на Берлинскиот процес – Германија, која беше претставена од министерот Хајко Маас, кој воедно говореше и за заедничката прес-конференција, која следуваше по состанокот.
„Улогата на Германија за севкупниот напредок на регионот е непроценлива“, рече Османи.
„Остваривме ефективен придонес за регионот преку конкретни и опипливи резултати со забележлив позитивен ефект за сите. Регионалниот договор за слободно патување со лични карти во земјите од Западен Балкан, продолжувањето на успешната иницијатива на регионалните зелени коридори и кон транспортните коридори на Европската Унија, како и дополнителниот импулс кон здравствената соработка во ова време на пандемија, се успешни иницијативи што ќе остварат дополнителни олеснувања за бизнисите и граѓаните и тоа како во рамките на транзитот меѓу самите земји од Балканот така и во рамките на нивното поврзување со земјите на Европската Унија“, посочи Османи.
Тој ги повика своите колеги од Западен Балкан да гледаат кон иднината и да работат заедно на сите овие заеднички проекти и да се стремат кон добрососедски односи.
„Како круна на нашите напори, утре, на лидерскиот самит, ќе биде лансиран новиот акциски план за воспоставување заеднички регионален пазар и зелената агенда за Западен Балкан, кои беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка. Тоа значи прв пат формирање заеднички пазар врз основа на ЕУ-стандардите и критериумите на заедничкиот европски пазар“, дополни Османи.
За време на состанокот, шесте земји од Западен Балкан – Република Северна Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина – го поздравија ова копретседателство, особено постигнатите цели во однос на подобрувањето на поврзаноста во сите аспекти: транспорт, енергија, дигитална поврзаност помеѓу луѓето, зближување на младите, вклучително и преку образованието, заштитата на животната средина. Беше потврдена заедничката заложба за полноправно членство во европското семејство преку спроведување на потребните реформи. Земјите од регионот повикаа европската перспектива на Западен Балкан да остане високо на агендата на ЕУ.
По завршување на состанокот, министрите Османи и Захариева учествуваа на тинк-тенк форумот организиран од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) од Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

