Македонија
Османи: Западниот Балкан има високи очекувања од ЕУ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи имаше средба со новата амбасадорка на Португалија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Марија Виржиња Мендес да Силва Пина.
Упатувајќи честитки до новата амбасадорка, Османи изразил надеж дека дипломатското искуство, но и личниот ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на односите помеѓу двете земји.
Како што соопштија од кабинетот на Османи, централна тема на средбата биле предизвиците поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, а во пресрет на Самитот на ЕУ во март, во насока на потенцијалите за почеток на преговорите со ЕУ пред мајскиот самит посветен на Западниот Балкан.
„Ние сме подготвени за почеток на преговорите, се надевам дека и Европската Унија ќе ги создаде неопходните услови за продолжувањето на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан “, истакна Османи, посочувајќи на позитивните сигнали кои доаѓаат од Европската комисија и од земјите членки поврзани со новата методологија за проширување.
Османи се заблагодарил за досегашната поддршка од страна на Португалија кои биле јасно изразени преку ратификацијата на Протоколот за НАТО, но и поддршката од земјата на претходните самити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) 13 лица приведени по масовна тепачка пред Градската општа болница во Прилеп

Полицијата попладнево морала да интервенира во кругот на прилепската болница „Борка Талески“.
По масовната тепачка што се случила пред општата болница во овој град, полицијата привела 13 лица.
Физичката пресметка била меѓу повеќе лица а со цел да ги смири полицијата, службено лице пукало во воздух.
На видео што го објави порталот „Маркукуле“ се забележува присуство на неколку полицикси возила пред прилепската болница.
Од полицијата го потврдија случајот.
„Денеска (19.09.2025) околу 12.00 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека пред Градската општа болница ,,Борка Талески“ во Прилеп настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кои употребиле дрвени и други предмети.
На местото биле испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол.
Во Полициска станица Прилеп се приведени 13 лица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“.
Фото: принтскрин
Македонија
Средствата се обезбедени, исплатата за 400 пожарникари е во тек, велат од Владата

Владата демантира дека изборниот процес ја блокира исплатата за 400 лица кои беа ангажирани во гаснењето на пожарите.
Фактите како што додаваат се едноставни и непобитни, и прецизираат дека ова е првпат во историјата на државата да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина.
„Што се однесува до исплатата на учесниците за оваа мерка која е наведена како 6.2 во оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, апсолутно нема никаква поврзаност помеѓу распишувањето на локалните избори и исплатата на средствата, од причина што средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање.
За лицата кои се вклучени во оваа мерка ве информираме дека беа ангажирани на 08.08.2025 година, документацијата (извештајот за редовност) за исплата од страна на организаторот е веќе во тек и ќе биде испратена до центрите за вработување по што ќе следи и исплатата.
За разлика од СДС, ние работиме отчетно и транспарентно.
Ние сме тука да носиме конкретни решенија, додека опозицијата ќе продолжи да лаже и да се обидува да го наруши јавниот мир со невистинити приказни“.
Според Владата, сите обиди за политички саботажи нема да ја засенат нивната посветеност да работат за подобар живот за сите граѓани.
Македонија
Алиу најави модерна стоматологија: Никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа

Министерот за здравство, Азир Алиу, синоќа се обрати на отворањето на 10 конгрес на Македонското стоматолошко друштво, на тема „Иднината на совршеност во стоматологијата: уметност на науката, знаењето и вештините“.
– Јас не сум лекар, јас сум инженер, токму тоа ме научи здравството да го гледам како комплексен систем, со елементи кои мора да функционираат поврзано, со транспарентност, ред и доверба. Систем во кој нема место за импровизации и каде не се прифатливи компромисите на штета на пациентот. Во светот, стоматологијата оди напред со невидено темпо: вештачката интелигенција, роботиката, дигитализацијата и телемедицината целосно го менуваат начинот на кој му се служи на пациентот. Иднината е веќе тука и ние имаме обврска да бидеме дел од неа, порача Алиу.
Во своето обраќање, тој истакна дека за бидеме дел од таа иднина, мора да ги изградиме темелите врз професионализам, интегритет и одговорност. Според него, Конгресот е доказ дека нашите стоматолози имаат волја и капацитет да постават нови стандарди, да ја освојат и задржат довербата на граѓаните и да бидат активен дел од здравствената трансформација што се одвива во земјата.
„Како министер за здравство, сакам да истакнам дека нашиот пат е јасен, никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа и довербата на граѓаните. Ќе ја поддржиме стоматологијата со политики кои ќе го стимулираат образованието, иновацијата и транспарентноста. Само така можеме да изградиме силен и правичен систем за сите, истакна Алиу.