Македонија
Османи и Димитров во Брисел: Важно е ЕУ што побргу да обезбеди вакцини за регионот
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Брисел, денеска во Европската комисија остварија средба со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич.
Димитров и Османи изразија благодарност за помошта обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој беше активиран набргу по прогласувањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Во тој контекст тие ја истакнаа солидарноста како клучен фактор во справувањето со здравствената, но и социо-економската криза, имајќи предвид дека ЕУ-механизмите што претходно беа на располагање исклучиво на земјите членки на Унијата станаа достапни и за земјите од Западен Балкан.
Тие ја потенцираа важноста ЕУ колку што може побргу да обезбеди вакцини за регионот за кои веќе се издвоени 70 милиони евра. Беше констатирано дека тоа е во согласност со изјавата на лидерите на ЕУ-самитот одржан на 21 јануари 2021 година, со кој ја реафирмираа солидарноста и презедоа обврска да обезбедат ефективна поддршка за регионот што е можно побргу.
Димитров и Османи го информираа еврокомесарот Ленарчич за состојбите во Северна Македонија во однос на кризата, разговараа за редовното споделување на епидемиолошките податоци со Европскиот центар за координација на итни случаи за што беа поздравени и здравствените власти на Северна Македонија, а беше посочено и редовното учество на Дирекцијата за заштита и спасување во координативните состаноци организирани од Европската комисија по чии препораки и постапуваат.
Во однос на досегашните донации од земјите членки, токму преку ЕУ-механизмот за цивилна заштита, што е под директна надлежност на еврокомесарот Ленарчич, беше обезбедена заштитна и медицинска опрема за Северна Македонија, и тоа од Чешка, Австрија, Словачка, Естонија, Романија и од Германија, а Шведска испрати медицински работници за да му помогнат на персоналот на Клиниката за инфективни болести во Скопје во борбата против Ковид-19.
Комесарот Ленарчич изрази силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и подготвеност за континуирана поддршка од неговиот тим во областите од неговата надлежност.
Посетата на Брисел на Димитров и Османи продолжува со средба со министерот за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, а на маргините на денешниот Совет за надворешни работи, вечерва ќе остварат и билатерална средба со Августо Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Товарник бр. 3, како и дел од корисниците од ул. Среќко Пужалка. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улиците Кичевска и Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Утрински минусни температури, кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од снег
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има локални врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -2, а максималната ќе достигне од -2 до 8 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег. Во четврток ќе биде претежно облачно, а во петок ќе преовладува умерено облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има услови за појава на магла. Од сабота, најпрво во западните делови, а потоа насекаде, повторно се очекуваат врнежи од дожд и снег
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има локални врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -2, а максималната ќе достигне од -2 до 8 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег. Во четврток ќе биде претежно облачно, а во петок ќе преовладува умерено облачно време со сончеви периоди.
По котлините ќе има услови за појава на магла.
Од сабота, најпрво во западните делови, а потоа насекаде, повторно се очекуваат врнежи од дожд и снег.

