Македонија
Османи и Димитров во Германија на средба со Крамп-Каренбауер
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во рамките на работната посета на Сојузна Република Германија оствари средба со претседателката на Демохристијанската унија (ЦДУ) на Германија, Анагрет Крамп-Каренбауер.
„Имаме исклучително важни два дена средби и активности во Берлин. Германија е наш клучен европски партнер и поддржувач и нашата цел е овие два дена на нашите германски пријатели да им понудиме што повеќе аргументи за тоа зошто заслужуваме да го направиме следниот чекор кон Европската Унија и да ги отвориме пристапните преговори. Затоа, новата лидерка на ЦДУ/ЦСУ ја запознавме со тоа каде беше Република Северна Македонија пред неполни две години и каде е денес како пример за добар сосед и стабилен и веродостоен партнер во регионот. Постигнавме многу и продолжуваме да работиме со сите напори и дома и надвор за заедно со нашите партнери да обезбедиме дофатлива европска перспектива за земјата“, истакна Димитров.
„Од аспект на европските интеграции, Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех“, истакна Османи јасно изразувајќи очекување оваа поддршка и заемна соработка да продолжи и во иднина.
„Во периодот што ни претстои неопходна ни е целата политичката поддршка од страна на сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот и да го отстраниме европскиот скептицизам што навлегува преку периферијата на Европа преку јасна и недвосмислена поддршка од страна на земјите членки на ЕУ за европските перспективи на Република Северна Македонија како предводник на европската идеја меѓу земјите од Западен Балкан“, додаде Османи посочувајќи на очекувањата од претстојните јунски самити на ЕУ за конфирмација на минатогодишната одлуката за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
Османи и Димитров во рамките на работната посета на Берлин ќе остварат средба со државниот министер за Европа, Михаел Рот, и ќе учествуваат на брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг, на кој ќе реферираат за текот на имплементацијата на политичките обврски што произлегуваат од договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија, како и за напредокот во спроведување на реформите во областите предвидени во заклучоците на минатогодишниот самит на Европската Унија како клучни критериуми пред годинешниот самит на ЕУ во јуни кога се очекува конфирмација на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

