Македонија
Османи: Како претседавачи со А5 ги поставивме основите за нов Стратешки концепт на Повелбата
Во рамки на претседавањето на Северна Македонија со САД – Јадранската Повелба, во Скопје се одржа завршниот состанок на Партнерската комисија на САД-Јадранската повелба (А5), со кој се заокружува нашето овогодишно претседавање со иницијативата.
Во фокус на дискусиите беа достигнувањата и иднината на Повелбата како и актуелните состојби во Западен Балкан.

„Изготвивме и усогласивме документ за ‘Нов политички пристап на Повелбата во третата деценија од нејзиното формирање’, со што ги поставивме основите за креирање на нов Стратешки концепт на А5. Тука главната цел е зајакнување на соработката на земјите од Повелбата кои се НАТО членки, како и овозможување поголем ангажман и доближување до вредностите на Алијансата на земјите од А5 кои сѐ уште не се НАТО членки. Дополнително, покрај традиционалните активности на А5, за време на нашето претседавање одржавме и низа други состаноци на министерско и експертско ниво, посветени на итни и актуелни теми и предизвици со кои се соочува регионот на Западен Балкан. Предложивме и усвоивме и заеднички изјави, со кои беше истакната меѓусебната соработка, релевантноста на А5 и заедничката поддршка на земјите – членки за Украина“, рече министерот Османи.
Министерот ја нагласи и работата за промовирање на регионалната соработка и нашето искуство за градење добрососедски односи како поттик за надминување на преостанатите отворени прашања на Балканот.
„Тука би сакал да се осврнам на неодамнешниот насилен напад во Бањскa, во северот на Косово од страна на српски паравоени, силно да го осудам и да повикам на одговорност за неговите извршители. Ваквиот тежок инцидент има потенцијал за дестабилизација не само на Косово, туку и на целиот регион, и затоа не смее да се повтори“, истакна Османи, и изрази очекување за поскоро членство на Косово во А5, што ќе придонесе за промовирање на инклузивност, соработка и стабилност во регионот.

Во 2024 година, со А5 ќе претседава Албанија, при што министерот Османи на новиот претседавач со иницијативата, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, му посака успех и целосна поддршка.
Северна Македонија претседаваше со А5 во година кога ја одбележавме 20 – годишнината од основањето на Повелбата, а ова претседавање беше прво како земја – членка на НАТО. Во иницијативата, покрај Северна Македонија, земји- членки се и Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, додека Косово, Словенија и Србија имаат статус на земји-набљудувачи. Посебна политичка тежина на иницијатива дава членството на нашиот стратешки партнер, САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

