Македонија
Османи: Како претседавачи со А5 ги поставивме основите за нов Стратешки концепт на Повелбата
Во рамки на претседавањето на Северна Македонија со САД – Јадранската Повелба, во Скопје се одржа завршниот состанок на Партнерската комисија на САД-Јадранската повелба (А5), со кој се заокружува нашето овогодишно претседавање со иницијативата.
Во фокус на дискусиите беа достигнувањата и иднината на Повелбата како и актуелните состојби во Западен Балкан.
„Изготвивме и усогласивме документ за ‘Нов политички пристап на Повелбата во третата деценија од нејзиното формирање’, со што ги поставивме основите за креирање на нов Стратешки концепт на А5. Тука главната цел е зајакнување на соработката на земјите од Повелбата кои се НАТО членки, како и овозможување поголем ангажман и доближување до вредностите на Алијансата на земјите од А5 кои сѐ уште не се НАТО членки. Дополнително, покрај традиционалните активности на А5, за време на нашето претседавање одржавме и низа други состаноци на министерско и експертско ниво, посветени на итни и актуелни теми и предизвици со кои се соочува регионот на Западен Балкан. Предложивме и усвоивме и заеднички изјави, со кои беше истакната меѓусебната соработка, релевантноста на А5 и заедничката поддршка на земјите – членки за Украина“, рече министерот Османи.
Министерот ја нагласи и работата за промовирање на регионалната соработка и нашето искуство за градење добрососедски односи како поттик за надминување на преостанатите отворени прашања на Балканот.
„Тука би сакал да се осврнам на неодамнешниот насилен напад во Бањскa, во северот на Косово од страна на српски паравоени, силно да го осудам и да повикам на одговорност за неговите извршители. Ваквиот тежок инцидент има потенцијал за дестабилизација не само на Косово, туку и на целиот регион, и затоа не смее да се повтори“, истакна Османи, и изрази очекување за поскоро членство на Косово во А5, што ќе придонесе за промовирање на инклузивност, соработка и стабилност во регионот.
Во 2024 година, со А5 ќе претседава Албанија, при што министерот Османи на новиот претседавач со иницијативата, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, му посака успех и целосна поддршка.
Северна Македонија претседаваше со А5 во година кога ја одбележавме 20 – годишнината од основањето на Повелбата, а ова претседавање беше прво како земја – членка на НАТО. Во иницијативата, покрај Северна Македонија, земји- членки се и Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, додека Косово, Словенија и Србија имаат статус на земји-набљудувачи. Посебна политичка тежина на иницијатива дава членството на нашиот стратешки партнер, САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од полноќ почнува изборниот молк
На полноќ почнува изборниот молк пред парламентарните и вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат в среда.
Изборниот молк ќе трае до среда до 19 часот, односно до затворањето на избирачките места.
Се гласа на 3.480 избирачки места.
Утре (7 мај) гласаат иселениците, болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.
Според Државната изборна комисија (ДИК), за претседателските избори биле пријавени 1.814.317 гласачи, а за парламентарните избори вкупно 1.815.350 гласачи.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања, информираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, се појаснува во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги.
Македонија
Апасиев: Сиромашниот Албанец, сиромашниот Ром, сиромашниот Бошњак, сиромашниот Турчин ни е поблизок од македонскиот чорбаџија
На денешниот завршен Народен собир на Левица од Парламентарна кампања, 2024, се обрати претседателот на Левица и Носител на ИЕ1, Димитар Апасиев.
,,AСНОМ е она што сега го возобнувуваме. Тие што нè ословуваа дека сме националисти, нека знаат дека повеќе Турци и Бошњаци ќе влезат преку листите на Левица, отколку преку нивните етнотрибалистички листи”, рече Апасиев во своето обраќање кон граѓаните.
Според Апааиев, Левица не е лажна опозиција и Левица има светла иднина.
,,Оставете ги овие балони што се дуваат, овие максовци кои ќе испарат за година – година и пол. Ние на овие избори очекуваме да влеземе со пратеничка група, а нашиот народ знае дека треба да го даде гласот за Левица!”, порача Апасиев.
Својот говор, Апасиев го заокружи со благодарност до членовите и симпатизерите на Левица.
,,Сакам да ви се заблагодарам најискрено и најчовечки, бидејќи вие сте денес тука – водени од идеали и од каузата што нè обединува. Никој од вас не зеде пари, за да дојде тука на овој заеднички Народен собир на Левица. Никој од вас не го вработивме преку Левица. Сега имаме набљудувачи во рекорден број. Како никогаш досега разваливте на терен. Веќе го надминавме епитетот на мала и фејсбук – партија, затоа се плашат од нас. И има зошто да се плашат!”, додаде Апасиев.
Во однос на класната борба, претседателот Апасиев рече:
,,Сиромашниот Албанец, сиромашниот Ром, сиромашниот Бошњак, сиромашниот Турчин ни е поблизок од македонскиот чорбаџија. И затоа, елајте, браќа и сестри! Елајте, народи и народности! Елајте во Левица, за да го вееме бајракот на слободата!”
Македонија
Силјановска-Давкова: Времето на жените доаѓа, срамота е што 30 години сме немале жена претседателка или премиерка
Во рамките на активностите на кандидатката за претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, таа се обрати на трибината на тема „Жени“ која се одржа во Јавна соба.
„Во мојата програма има посебен дел посветен на жените. Подолго светот живеел како патријархат отколку матријархат. Повеќе жени во политика, повеќе гаранции за помалку насилство. Срамота е 30 години да не сме имале жена претседателка, жена премиерка. Да им ставиме крај на Венецијанските трговци“, порача Давкова.
Како што додаде, жените имаат што да покажат, имаат вулканска сила и мажите треба да се инспирираат од нив.
„Времето на жените доаѓа. Сега е време за машка еманципација. Македонија е во женски род, политиката е во женски род. Женскоста е квалитет неискористен. Промените наскоро доаѓаат“, рече Давкова на трибината.