Македонија
Османи – Липавски: Потребни ни се опипливи придобивки за нашите граѓани од страна на ЕУ
Во рамките на работната посета на Чешка, денес, во Прага, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Чешка, Јан Липавски.
На средбата беше изразено заемно задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји изминатите три децении, со акцент на недвосмислената и гласна чешка поддршка за пристапниот процес на нашата држава во Европската Унија. Во тој контекст министерот Липавски изрази надеж за што побрзо усвојување на уставните измени како единствена можност за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија, истовремено потенцирајќи ја важноста регионот на Западен Балкан што побргу да биде дел од ЕУ-семејството.
„Го поздравуваме повикот од Чешка до институциите на ЕУ да презентираат јасна агенда за постепена и забрзана интеграција со државите од Западен Балкан во насока на обезбедување опипливи придобивки за нашите граѓани“, истакна Османи.
Беа разменети мислења и за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, чија цел е зачувувањето на безбедноста на европскиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Со паричка во погача голем број семејства вечерва ќе ја дочекаат Старата Нова година
Според Јулијанскиот календар, по кој се водат православните христијани, вечер се дочекува православната нова година, кај народот позната уште како и Стара нова година, која почнува утре на Василица.
Во Македонија, Василица многумина ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден.
Некои семејства, повеќе во западниот дел на Македонија, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.
По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

