Македонија
Османи на средба со грчкиот колега Дендијас
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, ќе ја има својата прва официјална средба како предводник на надворешната политика на земјата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас.
Според предвидената агенда, ќе бидат отворени многубројни теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, како и актуелностите за политичката динамика во регионот. Османи на средбата ќе ја отвори темата и за претстојните заклучоци во рамките на телата на Европската Унија за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство како формален почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Посебен фокус на средбата на двајцата министри ќе бидат ангажманот и активностите на двете министерства, кои претстојат во функција на интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка во разни области во согласност со акцискиот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји (Преспа).
На средбата се очекува да бидат отворени и сите други теми од областа на билатералната соработка: реактивирање на размената во културата, поттикнување на комуникацијата и активностите за унапредување на економската соработка, прашањата за забрзување на проектите за гасната и железничката интерконекција, како и сите други прашања од областа не севкупната општествена и политичка размена.
На средбата се очекува посебен осврт да се даде и на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи, како и на разгледувањето на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на пандемијата на Ковид-19.
Османи на почетокот на мандатот најави интензивирање на комуникацијата со соседите издигнувајќи го прашањето за добрососедските односи како врвен приоритет на надворешната политика за што се очекува темите од оваа област да бидат во фокусот на неговата агенда во претстојниот период, се наведува во соопштението на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

