Македонија
Османи на средби со државниот врв на Словенија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, утре ќе престојува во работна посета во Република Словенија.
Во текот на посетата Османи ќе се сретне со заменик-претседателот на владата на Република Словенија и министер за надворешни работи, Миро Церар, на која ќе бидат отворени темите поврзани со евро-атлантските интеграции на земјата во насока на почнување на пристапните преговори со Унијата, динамиката на спроведување на реформите предвидени во планот 18, како и очекувањата од претстојните јунски самити. По средбата, предвидени се изјави за медиуми од страна на Османи и Церар.
Во текот на посетата на Словенија, Османи ќе се сретне и со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Добран Божич, како и со програмскиот директор на Центарот за европски перспективи, Андреја Долничар-Јерај, и заменик-директорот на Центарот за меѓународна соработка и развој, Ема Роде, со кои ќе разговара за предизвиците што ѝ претстојат на земјава во наредниот период, а ќе ги отворат и темите во однос на проширувањето на ЕУ на земјите од Западен Балкан, со што се зајакнуваат стабилноста и безбедноста во ЕУ, како и справувањето со мигрантската криза, напливот на фундаментализмот, како и борбата за справување со ширењето на лажните вести.
По посетата на Словенија, Османи патува во Мадрид, каде што ќе оствари средба со претставникот на земјата во Европската Унија и државен секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Кралството Шпанија, Луис Марко Агуиријано Налда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

