Македонија
Османи: Одбранбен геополитички штит за одбрана на либералната демократија преку забрзана евроинтеграција на регионот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, учествуваше на дискусијата, организирана од страна на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) на тема „Како да се убедат Европејците за проширувањето на ЕУ“. Како повод на дискусијата, на која Османи учествуваше заедно со Лике Фрис, копретседавач со ЕЦФР и директор на данскиот тинк тенк Еуропа и Енѓељуше Морина, виш политички аналитичар на ЕЦФР, е истражувањето на ЕЦФР, кое е објавено денес, а спроведено во шест земји членки на ЕУ (Германија, Франција, Данска, Австрија, Полска, Романија) пред овонеделниот Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето.
„Денес, повеќе од кога и да е, постои геополитички императив за проширувањето на ЕУ. Да не заборавиме дека и Балканот е на „линијата на огнот“ бранејќи ги либералните вредности на Западот, истовремено, станувајќи мета на странски малигни влијанија со далекусежни последици за целиот европски континент. Затоа пристапот на ЕУ треба да се преиспита и да овозможи забрзан ЕУ процес со непосредни и опипливи придобивки за оние кандидати кои ги исполнуваат условите. Со овој чекор, ЕУ ќе започне да гради одбранбен геополитички штит за одбрана на сопствената демократија преку вклучување на преостанатите земји од Југоисточна Европа“, истакна Османи.
Осврнувајќи се на истражувањето на јавното мислење во земјите членки на ЕУ, министерот Османи упати повик до лидерите на ЕУ, но и до земјите кандидати, со заеднички напори, да се убедат граѓаните и пошироката европска јавност во нивниот сопствен интерес од влезот на идните земји членки.
Османи ги сподели и резултатите од истражувањата на јавното мислење во нашата држава, подвлекувајќи дека долготрајноста на евроинтеграцискиот процес и претходните услови од билатерална природа доведоа до надолен тренд на поддршката на нашите граѓани за пристапувањето во ЕУ. Во тој контекст, Османи ја презентираше тезата дека одолговлекувањето на пристапниот процес има негативни последици по социјалната динамика, при што ефектот од забавената ЕУ интеграција раѓа тнр. „развојна зависност“ меѓу преговорите и реформите, со негативен предзнак.
„Загрижувачкиот тренд треба да се избегне со промена на наративот, но и со правилата на игра. Наместо фокусот да ни е насочен кон членството како краен исход, ЕУ треба да им понуди на нашите граѓани што е можно повеќе среднорочни цели и опипливи придобивки – затоа се залагам за поголема интеграција пред членство како наш одговор на концептот на постепена интеграција“, посочи Османи.
Воедно предочи дека овој концепт на етапно пристапување, за кој се дебатира во сите европски метрополи и во Брисел, неопходно е да се материјализира во одлуките на Советот следните денови и да почне да се спроведува. Основниот пакет подразбира најмалку присуство на секторските состаноци на Советот на ЕУ без право на глас (статус на набљудувач) и учество на Единствениот пазар, како и достапност до структурните и кохезиските фондови на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

