Македонија
Османи патува за Брисел
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе престојува во работна посета на Брисел. Во рамки на неговата посета министерот Османи ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Покрај средбата со генералниот секретар на НАТО, министерот Османи ќе се сретне со високи претставници на ЕУ. Во рамки на посетата министерот ќе одржи и брифинг во Центар за европски политики на тема: Северна Македонија и ЕУ: Движејќи се кон повеќе интеграција.
Работната посета на Брисел, Османи ќе ја заврши со присуство на прием по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија во организација на нашите мисии во ЕУ и НАТО и Амбасадата на земјава во Белгија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Изет, на линија со Силјановска и ВМРО, му се заканува на Али Ахмети
„Изет Меџити и албанската опозиција на линија со Гордана Силјановска од ВМРО. Впрочем, истите ја презедоа улогата на „маша“ на Мицкоски против се што е албанско. Недалеку од денеска, губитникот на изборите на 24 април, Изет и неговите партнери се осмелуваат и им се закануваат на Албанците и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обидувајќи се да внесат страв и неизвесност во пресрет на 8 мај, исто како што тоа го прават Силјановска и Мицкоски“, велат од ДУИ.
„ДУИ и Европскиот фронт изразуваат загриженост за валканиот речник на Изет и албанската опозиција, а истовремено ги повикуваат граѓаните да не станат плен на мрачните и дестабилизирачки агенди со центар во Белград и Москва.
Им ставаме до знаење на Изет и неговите следбеници, дека Северна Македонија е веќе полноправна членка на НАТО и наскоро членка на Европската Унија.
Трасираниот пат и демократските институции не можат да се уништат со полициски закани, а тоа најдобро ќе го дознаете на 8 мај, кога Европскиот фронт ќе освои +20 пратеници.
Во оваа прилика ги повикуваме граѓаните на 8 мај масовно да го заокружат бројот 4 и да го спречат враќањето на полициската држава и истовремено да ја заверат длабоката историска победа на ДУИ и Европскиот фронт“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Изет Меџити: ДУИ сака да ги повлече Албанците во бездна
„Во страв од поразот кој несомнено ги чека, ДУИ веќе го загуби компасот! Така, нивната единствена цел сега е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редови, обидувајќи се да продолжат со техничката влада повеќе од 100 дена. Целите на Али Ахмети беа јасни и ВЛЕН ја предупреди јавноста од моментот кога со кандидатурата на Бујар Осман, ДУИ умислено ја елиминираше можноста Арбен Таравари да влезе во вториот круг од претседателските избори“, рече Изет Меџити.
„Затоа, денес јавно го прашуваме Али Ахмети:
Дали е вистина дека им наредивте на општинските организации да организираат бојкот на вториот круг од претседателските избори, иако се сретнавте со Стево Пендаровски и му ветивте поддршка? Ако ова е вистина, кажете ѝ на јавноста зошто не ги бојкотиравте претседателските избори во 2019 година? Што се смени од тогаш? Дали стравот од неуспех ви го заматува видот? Или по наредба на руските центри на власта сакате да спречите новото парламентарно мнозинство да обезбеди уставни промени во рок од 6 месеци по формирањето на новата влада?
Зошто работите против интересите на ЕУ и САД? Доволно создадовте магла, одговорете на овие прашања кои се од витално значење за иднината на државата.
Сега кога ќе дојде време да преземете одговорност за корупциските скандали, вие подмолно се обидувате да го злоупотребите целиот албански народ како штит, но и помалите етнички заедници кои ги користите како заложници. Овие трикови веќе видени, не поминуваат.
По 8ми мај ќе има Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички претставник на Албанците, ќе има и мнозинство на Бадентер, ќе се обезбедат основите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што работеа спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата. Ова е крајно неодговорно и кукавичко.
Затоа, ве повикуваме да престанете да ги срамите Албанците и славните борци на УЧК. Не е крај на светот ако одиш во опозиција. Како легалисти и демократи со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност ќе има само кога тоа ќе се докаже во правилни судски постапки“, изјави Изет Меџити.
Македонија
Битиќи: Соживотот и солидарноста се основи на прогресот на нашето општество
„СДСМ од секогаш била предводник на визионерство, државништво и прогресивност, секогаш со поглед кон иднината, со нагласено политичко чувство за потреба од добрососедски односи, за интеграција во ЕУ, но пред сѐ за градење на хармонични односи меѓу различните заедници во земјава. Од оваа наша мисија не се откажувам, по 8-ми мај продолжуваме, на тоа нѐ обврзуваат нашите социјалдемократски вредности“, порачува Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Битиќи истакнува дека патот кон е ЕУ е тежок, тој бара многу промени кај нас и тоа треба да биде мотивација за претстојните парламентарни и претседателски избори да се заокружи бројот 1.
„Наша цел е европските стандарди и вредности да ги донесеме овде, да им овозможиме на граѓаните подобар квалитет на живот“, вели Битиќи.
Тој посочува дека таа промена може лесно да се направи со прифаќање на социјалдемократските вредности кои, како што вели Битиќи, се многу блиски и на христијанството и на исламот.
„Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, сакам да потсетам дека социјалдемократијата има многу заедничко со религиите. Социјалдемократијата не’ подучува на сочувство кон ранливите, кон маргинализираните, да се стремиме кон праведно општество, каде што секој, независно од неговата различност, ќе има пристап до образование, вработување и достоинствен живот. Нема нешто поблагородно од пораката да се однесуваме кон сите со праведност и љубов“, вели Битиќи и апелира во пресрет на двојните избори на 8-ми мај да се препознае моќта на заедништвото и да не се дозволи национализмот да го разедини општеството.
„По 8-ми мај, да продолжиме да бидеме заедно, да ги споделуваме потешкотиите, но и радостите во животот. Цврсто да ја држиме заедничката визија за европска Македонија, во која никој нема да биде изоставен, исклучен или исфрлен“, вели Битиќи.