Македонија
Османи побара помош од Финска за имплементација на Законот за јазиците
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој е во работна посета на Финска, оствари средба со министерот за европски прашања, Само Терхо, на која беа отворени темите за процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, како и евро-атлантските перспективи на Македонија.
Од кабинетот на Османи соопштија дека имајќи ја предвид успешната примена на двојазичност во рамките на финската администрација, каде што, покрај финскиот, во целосна службена употреба е и шведскиот јазик, Османи побарал поддршка во знаење, размена на искуство и начин на имплементација во согласност со потребите за усогласување на администрацијата и во Македонија со новиот закон за употреба на албанскиот јазик.
„Доаѓам во веројатно најважниот период за нашите европски интеграции, веднаш по успешната имплементација на договорот од Преспа, што претставува историска пресвртница не само за нашата земја туку и за целиот регион“, истакна Османи на почетокот од средбата.
Презентирајќи ја динамиката на спроведувањето на реформите од планот 18, Османи ја потенцира интенцијата на Владата да ги имплементира практично сите преземени обврски создавајќи со тоа услови за чиста и беспрекорна препорака од страна на Европската комисија, која би водела до конфирмација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Европскиот совет во јуни оваа година.
„Европската идеја на Балканот има смисла само доколку процесот добие вистинска валоризација преку конфирмација на одлуката и почеток на преговорите со Македонија од страна на Европскиот совет во јуни оваа година“, истакна Османи изразувајќи надеж дека во рамките на претседателството на Финска со ЕУ, во втората половина од оваа година, Македонија и ЕУ ќе ја реализираат и првата меѓувладина седница, со што и формално ќе почнат билатералните преговори.
Во рамките на посетата на владата на Финска, Османи оствари средба и со Нина Нуркала, специјална советничка за европски прашања на премиерот Јуха Сипилја, како и со делегацијата на Министерството за надворешни работи, предводена од државниот секретар, Самули Виртанен. Во рамките на посетата на Финска, Османи оствари посета и на финскиот парламент, каде што имаше средба со делегацијата на Комисијата за европски прашања, предводена од претседавачот Артон Сатонен. На маргините на средбата Османи имаше можност да го посети и Европскиот центар на извонредност, посветен на борбата против современите хибридни закани, кој работи под покровителство на Европската Унија и НАТО, а се наоѓа во Хелсинки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

