Македонија
Османи: Потребна е посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс. За време на средбата соговорниците разговараа за приоритетите на оваа меѓународна организација во земјата, при што Османи изрази огромна благодарност за континуираните активности што ги спроведува УНИЦЕФ во Република Македонија, а чија главна цел е поддршка и заштита на правата на децата.
„Сѐ уште имаме предизвици на кои мора да работиме за да го постигнеме европскиот просек за квалитетот на детската заштита, а за што неопходни се и поддршката, експертизата и посветеноста на УНИЦЕФ“, истакна Османи изразувајќи искрена благодарност и за огромната поддршка и улогата на УНИЦЕФ во изминатиот период, особено за време на мигрантската криза преку обезбедување помош на децата бегалци и мигранти што минуваат во нашата земја.
На средбата Османи го реафирмира ставот дека на Македонија ѝ е потребна политика за поддршка на семејствата што го прифаќаат предизвикот да имаат трето дете. „Македонија е сѐ уште земја во развој на која ѝ претстои значаен период за да го достигне европскиот стандард, што ги обесхрабрува семејствата да оформат поголеми заедници како последица на нивната загриженост за условите што ќе може да им ги обезбедат. Токму затоа државата треба да обезбеди соодветна поддршката за повеќедетните семејства“, истакна Османи посочувајќи на потребата да се отвори посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете.
На крајот Османи ја потврди заложбата на земјава за членство во Европската Унија токму врз основа на прифаќањето и имплементацијата на европските вредности, како што се заштитата и унапредувањето на правата на децата и изрази надеж дека УНИЦЕФ ќе продолжи со поддршка на реформите неопходни за евро-атлантската интеграција на Република Македонија, а кои се однесуваат на оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија
На Светскиот ден на дијабетесот, 14 Ноември, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија – СЗДМ со кои разговараше за главните проблеми и предизвици со коишто се соочуваат.
Тие ја запознаа со личната карта на организацијата, којашто застапува 23 здруженија од земјава посветени на превенцијата од дијабетес, како и грижата и заложбите за унапредување на квалитетот на животот на дијабетичарите.
Имајќи предвид дека во државава се регистрирани 142 илјади пациенти, од кои 42 илјади се на инсулинска терапија, соговорниците се согласија дека е неопходно итно спроведување на современи превентивни, континуирани и квалитетни програми, со коишто не само што се штитат нивното здравје и живот, туку рапидно се намалуваат трошоците.
Претставниците на Сојузот ја запознаа претседателката со приоритетите во борбата со оваа опака болест како што се: потребата за добивање на сензори, oдносно CGM системи за секое лице со Тип1 дијабет. Тие ја посочија и нужноста од достапност на современата инсулинска и анти-дијабетна терапија, од превентивни прегледи низ државата, како и од создавање отворен пазар за медицинските помагала – ленти и гликомери, како предуслов за конкуренција и подобар квалитет, со оглед на досегашните тешки, а напати и ризични искуства.
Претседателката беше информирана и за соработката на СЗДМ со надлежните институции, како и за активностите во рамки на Меѓународната дијабетес федерација во којашто членуваат 251 национални организации од 158 земји во светот каде што се бележи растечки тренд на новодијагностицирани.
Укажувајќи на важноста од подигнување на свеста за здравствената закана што ја носи дијабетесот, Сиљановска-Давкова изрази целосна поддршка за напорите на Сојузот и ја истакна важноста да се изнајдат системски решенија што конкретно ќе придонесат во обезбедувањето на поквалитетен живот за лицата со дијабетес во државава.
Македонија
Алиу: Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ е врвна установа
„Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ е врвна установа во нашата држава во оваа област. Со заеднички заложби со раководството во континуитет работиме на унапредување на условите за оваа специфична категорија пациенти“, порача министерот за здравство Азир Алиу на отворањето на првата меѓународна конференција за геријатриска и палијативна медицина со меѓународно учество, која се вчера се одржа во Скопје.
Министерот Алиу потсети дека во изминативе неколку месеци оваа установа е зајакната со стручен кадар, односно дека се вработени вкупно 48 лица, од кои 23 негуватели, 22 хигиеничари, двајца возачи и еден лаборант.
„Во моментов, еден доктор е упатен на специјализација по интерна медицина и двајца доктори специјалисти на супспецијализација по геријатриска медицина. За следната година се планирани уште две супспецијализации по геријатриска медицина“, рече министерот Азир Алиу.
Тој истакна дека за оваа специјализирана болница е обезбедена нова медицинска и немедицинска опрема, како што се eлектрохируршка единица на радиобранови, крио-спреј, парен автоклав – воден стерилизатор, болнички наткасни со масички за хранење и справи за физикална терапија.
„Како министер за здравство сакам да креирам политики базирани на податоци и на потреби. Како што популацијата и демографијата се менуваат, така со менувањето на граѓанинот треба да се менува и инфраструктурата на здравството. Така што ќе креирам и понатаму политики кои се потребни за оваа популација и развој на инфраструктура која е потребна“, рече министерот Азир Алиу.
Македонија
Грин Машинс со мотото „Green Force“ ги претстави своите електрични модели на Ecomondo 2025 во Римини
Грин Машинс учествуваше на саемот во Италија ECOMONDO 2025, водечкиот италијански настан посветен на зелени технологии, рециклирање и одржлив урбан развој.
На штандот беа изложени целата палета електрични комунални возила на Грин Машинс, вклучувајќи најсовремени решенија за урбано чистење, компактни машини за тесни градски зони, високо продуктивни sweepers со нулта емисија, како и нови технолошки надградби кои нудат пониска бучава, пониски оперативни трошоци и целосно „зелено“ работење.
Тимот на Грин Машинс на ECOMONDO одржа низа состаноци со партнери, дилери и големи комунални оператори од цела Италија и Европа. Беа презентирани најновите подобрувања во батериската технологија, автономните функции и паметните системи за управување со комунални возила.
Оваа година, штандот на Грин Машинс беше брендиран со мотото „GREEN FORCE“, кое привлече внимание од посетителите и придонесе за силна видливост и препознатливост на брендот во рамките на саемот.
Успешното учество ја потврдува стратегијата на Green Machines да го зајакне своето присуство на европскиот пазар, со посебен акцент на земјите кои активно инвестираат во декарбонизација и современи еколошки решенија за урбано чистење.
Green Machines продолжува со демонстрации, обуки и теренски презентации низ Европа во текот на 2025 година, со цел да ги поддржи градовите и операторите во транзицијата кон поодржлива и поефикасна урбана инфраструктура.
(ПР текст)

